Бујар Османи во објава на албански и англиски јазик тврди дека 250.000 Македонци имаат бугарски пасоши
Поранешниот функционер не кажува од каде ја слушнал бројката што ја наведува на „Фејсбук“
Потпретседателот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, во објава во која го избегнал македонскиот јазик, тврди дека околу 250.000 Македонци имаат бугарски пасош.
Препорачано
Тој на „Фејсбук“ напиша статус на албански и англиски јазик, во кој тврди дека луѓето со бугарски пасоши индивидуално ги уживаат придобивките од членството во ЕУ, па оттаму „не се заинтересирани за трошоците за реформите“.
„Околу 250 илјади граѓани добија бугарски пасоши и индивидуално уживаат во правата на ЕУ. Тие ги имаат придобивките, без да бидат заинтересирани за трошоците за реформите. Кога електоратот ќе го добие „морковот“, тој не бара „стап“, пишува Османи во објавата, без да наведе од каде му е оваа висока бројка, која е барем двојно поголема од највисоките проценки на бројот на македонски државјани кои имаат бугарски пасоши.
Османи овој податок го изнесува како еден од аргументите за својата теза дека актуелната власт го кочи интегрирањето на земјава во Европската унија.


