Бугарите му најдоа „смртен грев“ на својот премиер: Петков планирал да го прекине негирањето на македонскиот јазик
Во парламентарната расправа пратениците од опозицијата повеќепати го обвинија Петков дека се подготвува да изврши национално предавство, дека неговата влада испраќала погрешни сигнали до владата во Скопје дека позицијата на Бугарија е променета, иако не е.
Во жестока расправа бугарските пратеници од опозицијата денеска го нападнаа бугарскиот премиер Кирил Петков дека се подготвува да изврши „предавство“, односно да отстапи од националните позиции и да го тргне ветото во Брисел за рамката за преговори за членството на Македонија во ЕУ. На отворена седница на Народното собрание, на која не се разгледуваа документите со ознака за доверливост, министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска одговараше на прашањата за тоа како се воделе разговорите меѓу Софија и Скопје во изминативе шест месеци. Седницата ја иницираше партијата Има таков народ, која ја обвини владата на Петков во која беше партнер дека водела двојна надворешна политика.
Препорачано
Генчовска рече дека премиерот Петков му ветил на еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи дека Софија ќе го укине ветото до јуни.
– Тоа беше на мојата прва средба со еврокомесарот Оливер Вархељи. На состанокот присуствуваа седум-осум луѓе од тимот на МНР – рече Генчовска, одговарајќи на пратеничко прашање.
Петков предложил помек став кон македонскиот јазик
Генчовска во своето обраќање рече дека Петков испратил предлог со кој практично се врши ревизија на Рамковната позиција донесена од Владата на Бугарија, која, пак, целосно се потпира на Декларацијата на Народното собрание од 2019 година.
– Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик. Барањето за европски гаранции во однос на Договорот од 2017 година станува неодржливо. МНР оцени дека документот е целосно погрешен и го отфрли како можност – рече Генчовска.
Според неа, главниот проблем е што додека МНР се обидувало да преговара, на друго место се создавал впечаток дека Бугарија може да се согласи на помалку и оти е подготвена за отстапки.
– Уште кога ја презедов функцијата на првата средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кажав: комуницирајте само со мене. За жал, тоа не се случи. Претставниците на РС Македонија продолжија да бараат контакт надвор од МНР, со цел да се отстрани клучното бугарско барање, а тоа е механизмот за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година – рече Генчовска.
Според неа, има четири теми за кои треба да се направи напредок за да се заштитат бугарските национални интереси: имплементација на Договорот од 2017 година, вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, зачувување на бугарската позиција за јазикот на соседната земја и вклучување гаранции за сите овие прашања во преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.
Во парламентарната расправа пратениците од опозицијата повеќепати го обвинија Петков дека се подготвува да изврши национално предавство, дека неговата влада испраќала погрешни сигнали до владата во Скопје дека позицијата на Бугарија е променета, иако не е, дека Бугарија не го користи добро своето членство во ЕУ и партнерите наместо да вршат притисок врз Македонија, практично вршат притисок врз Софија итн. Пратениците од власта, пак, категорично ги отфрлија сите обвинувања, со аргументот дека не постои документ со кој се потврдуваат тие шпекулации за наводно предавство, како и со критика кон опозицијата дека секоја идеја за разговори ја дочекуваат како „предавство“, а така не може да се постигне договор со Скопје.
– Наш интерес е да бидеме заедно во ЕУ, ние сме поврзани, а нешто нè оддалечи од тој народ. До апсурд го доведовме целиот разговор за проширување на ЕУ – коментираа пратениците од владејачката „Преродбата продолжува“.
Петков: Се одвлекува вниманието од борбата со мафијата
Пред седницата премиерот Петков рече дека темата за Македонија се користи за да се одвлече вниманието од борбата против мафијата. Тој потврди дека Владата ја донела одлуката со која се предвидува сите предлози во врска со РС Македонија, кои доаѓаат од француското претседателство со Советот на ЕУ или од некоја земја членка, да бидат разгледани во собраниската Комисија за надворешна политика.
Новинската агенција БГНЕС вчера објави дека намерата на Петков е да го заобиколи бугарското МНР за да го тргне ветото, така што секој предлог од ЕУ што е поврзан со одобрување на почеток на преговорите со ЕУ, а кој отстапува од Рамковната позиција на Советот на министри од 2019 година, веднаш да бидат испратени до Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент, а постојаните претставници на Бугарија во Брисел да го чекаат исходот од собраниската расправа и ако предлозите се отфрлат, да изразат негативна позиција за нив.
Самитот на ЕУ ќе се одржи на 23 и 24 јуни, кога е и последниот датум до кој бугарската влада може да го тргне ветото за почеток на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ за време на француското претседателство. Според бугарските медиуми, можно е кабинетот на Петков да направи некаков чекор и покрај ризиците што тој ги носи за опстанокот на власта. Од друга страна, расте неизвесноста колку долго ќе трае владата на Петков откако доскорешниот коалициски партнер, партијата Има таков народ, ги повлече министрите од владата, а опозициската партија ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов најави дека до парламентот ќе поднесе барање за гласање недоверба на владата.


