Будва станува омилена дестинација меѓу ЛГБТ+ луѓето од целиот свет – доаѓаат да го изговорат судбоносното „да“
Будва станува едно од најпосакуваните места на овој дел од Јадранот каде припадници на ЛГБТ+ заедница, особено странци, сакаат да го изговорат судбоносното „да“. Тоа го потврдува годишниот извештај на Секретаријатот за локална самоуправа, доставен до „Вијести“, според кој матичарите во текот на минатата година склучиле 45 животни партнерства, пишува „Нова“.
Препорачано
Иако бројот е помал во споредба со 2024 година, Будва и понатаму ја задржува репутацијата на популарна дестинација за оние кои сакаат со својот партнер од ист пол да се заколнат на вечна љубов.
„Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година на територијата на Будва и Петровац се склучени вкупно 45 животни партнерства на лица од ист пол. Тие се регистрирани во службените простории на Општина Будва и се внесени во регистарот на животни партнерства“, соопштија од Секретаријатот за локална самоуправа.
Најголемиот дел од овие партнерства – вкупно 39 – се склучени меѓу странски државјани, односно меѓу партнери кои немаат црногорско државјанство.
Четири партнерства се склучени меѓу лица каде еден од партнерите е државјанин на Црна Гора, а другиот е странец. Дополнително, две партнерства се склучени меѓу црногорски државјани, но и двајцата партнери живеат во други општини, односно немаат лична карта издадена во Будва.
Според статистиката на Секретаријатот, во последните четири години, откако почна примената на законот што овозможува склучување животни партнерства меѓу лица од ист пол, бројот во Будва постојано растел, сè до минатата година кога е забележан пад.
Така, во 2024 година биле склучени вкупно 70 животни партнерства, што е за 25 повеќе отколку во 2025 година. Од Секретаријатот истакнуваат дека 2024 била рекордна година по бројот на регистрирани истополови партнерства.
Во 2023 година во матичната служба на Општина Будва биле запишани 56 вакви партнерства, додека една година претходно биле склучени 26.
Токму Будва во летото 2021 година беше првата општина во Црна Гора каде беше регистрирано животно партнерство меѓу лица од ист пол. Кон крајот на јули истата година две млади жени со потекло од Балканот први официјално го регистрираа своето партнерство.


