Брканица во меѓународните води: Американската крајбрежна стража брка венецуелски танкер, бродот ѝ бега веќе три дена
Повеќедневното следење ја нагласува несразмерноста меѓу желбата на администрацијата на Доналд Трамп да запленува санкционирани нафтени танкери во близина на Венецуела и ограничените ресурси на агенцијата што главно ги спроведува овие операции – Крајбрежната стража.
Американската крајбрежна стража чека пристигнување на дополнителни сили пред евентуално да се обиде да се качи и да заплени нафтен танкер поврзан со Венецуела, кој го следи од неделата наваму, изјавија за „Ројтерс“ еден американски функционер и извор запознаен со случајот.
Препорачано
Бродот, кој поморските организации го идентификуваат како Бела 1, одбил припадници на Крајбрежната стража да се качат на него. Тоа значи дека задачата најверојатно ќе падне на една од само две специјализирани единици – познати како „Мeритајм сикјурити риспонс тимс“ кои имаат овластување да се качуваат на бродови во вакви околности, вклучително и со спуштање од хеликоптери.
Повеќедневното следење во меѓународните води ја нагласува несразмерноста меѓу желбата на администрацијата на Трамп да запленува санкционирани нафтени танкери во близина на Венецуела и ограничените ресурси на агенцијата што главно ги спроведува овие операции – Крајбрежната стража.
За разлика од американската морнарица, Крајбрежната стража има овластување да спроведува полициски дејства, вклучително и качување и заплена на бродови што се под американски санкции.
Претходно овој месец, Трамп нареди „блокада“ на сите санкционирани нафтени танкери што влегуваат или излегуваат од Венецуела, како дел од најновиот потег на Вашингтон за зголемување на притисокот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Во изминатите недели, Американската крајбрежна стража заплени два нафтени танкери во близина на Венецуела. По првата акција на 10 декември, американската јавна обвинителка Пем Бонди објави видео на кое се гледа како хеликоптери се приближуваат до брод, а вооружени луѓе се спуштаат на палубата. Неколку дена подоцна, Министерството за внатрешна безбедност објави снимка од носачот на авиони „Џералд Форд“, на која, според тврдењата, се гледаат припадници на Крајбрежната стража подготвени за заплена на танкерот „Сентјурис“, вториот брод пресретнат од американските сили.
Американски функционер, кој инсистирал на анонимност, изјави дека тимовите на Крајбрежната стража, распоредени на носачот „Форд“, биле дел од специјализираните „Мeритајм сикјурити риспонс тимс“, но во моментот се наоѓале предалеку од танкерот Бела 1 за да извршат операција на качување.
Експерти посочуваат дека ваквите операции можат да ги спроведат само ограничен број специјално обучени тимови. Во меѓувреме, Министерството за внатрешна безбедност не даде официјален коментар, а не е исклучена можноста администрацијата на крајот да одлучи да не ја спроведе заплената.
Белата куќа, сепак, соопшти дека САД остануваат во „активна потера“ по санкциониран брод од таканаречената венецуелска „темна флота“.
Случајот повторно ги отвори прашањата за ограничените капацитети на Крајбрежната стража, која иако е дел од вооружените сили, функционира под Министерството за внатрешна безбедност и располага со далеку помалку ресурси од американската морнарица.
И покрај тоа што САД распоредиле значителни воени сили во Карибите, самата служба со години предупредува дека нема доволно средства за да одговори на растечкиот број задачи – од потрага и спасување до борба против шверц на дрога.
Командантот на Крајбрежната стража, адмиралот Кевин Ландеј, неодамна оцени дека подготвеноста на службата е на најниско ниво во последните осум децении, и покрај најавеното зголемување на буџетот во наредниот период.


