Бритни Спирс / Фото: Profimedia

Бритни Спирс ги продаде правата за целиот нејзин музички каталог за околу 200 милиони долари

Поп-ѕвездата Бритни Спирс ги продала правата за целиот нејзин музички каталог на независната музичка компанија „Примари вејв“, објави „Би-би-си“.

Според информациите, договорот бил склучен на 30 декември, а вредноста се проценува на околу 200 милиони долари (146 милиони фунти). Точната сума официјално не е потврдена.

Спирс (44) е една од најпродаваните пејачки на сите времиња, со повеќе од 150 милиони продадени носачи на звук ширум светот. Во нејзиниот каталог се вклучени девет студиски албуми и хитови како „… Baby One More Time“, „Oops! … I Did It Again“, „Toxic“ и „Gimme More“.

„Примари Вејв“ досега има откупено права и од музичките каталози на ѕвезди како Наториус, Принц и Витни Хјустон. Компанијата е основана пред 20 години од музичкиот извршен директор Лоренс Местел.

Во последните години сè повеќе големи музички имиња ги продаваат своите каталози. Брус Спрингстин го продаде својот на Сони за 500 милиони долари, додека Џастин Бибер потпиша договор вреден околу 200 милиони долари со „Хипгносис сонгс капитал‘“. Слични потези направија и Џастин Тимберлејк и Шакира.

Бритни Спирс во 2003 година / Фото: EPA/JAVIER ROJAS

Продажбата на каталогот на Спирс доаѓа по турбулентен период во нејзиниот живот. Во 2021 година таа стави крај на 13-годишното старателство под кое нејзиниот татко имаше контрола врз нејзините финансии и лични одлуки. Во 2023 година ја издаде својата мемоарска книга „Жената во мене“ (The Woman in Me), во која отворено зборува за тој период.

Во јануари 2024 година, Спирс изјави дека „никогаш нема да се врати во музичката индустрија“. Нејзината последна музичка соработка беше дуетот со Елтон Џон во 2022 година.

Деталите од договорот засега не се јавно објавени, а ниту од „Примари вејв“ ниту од тимот на Спирс не дадоа официјален коментар.

ФОТО | Бритни Спирс за родителите: „Тие никогаш нема да преземат одговорност за тоа што ми го направија“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот