Брисел нѐ охрабрува, ама ни милиметар не попушта

Лидерите на ЕУ пратија сигнал дека времето на чекање мора да се претвори во време на одлуки и реформи. Македонија останува дел од европската перспектива, но напредокот ќе се мери по дела, а не по ветувања.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел прати јасна, внимателно артикулирана, но сепак недвосмислена порака: вратата на Европската Унија за Македонија останува отворена, а проширувањето повторно се поставува како стратешки избор, а не како празна политичка флоскула.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта по завршувањето на самитот оцени дека проширената Унија значи побезбедна, посилна и помирна Европа, нагласувајќи дека токму проширувањето го зајакнува просперитетот и ја одржува ЕУ како привлечен и кредибилен проект во време на сериозни геополитички потреси.

Кошта посочи дека во изминатите 12 месеци е забележан одреден напредок кај дел од земјите од регионот и ги поздрави чекорите што Македонија ги презема во насока на зајакнување на регионалната поврзаност.

Во исто време, тој внимателно ја постави и временската рамка на очекувањата.

– Се надеваме на вистински напредок во 2026 година. Нивните власти знаат што треба да направат – изјави Кошта алудирајќи на уставните измени што треба да ги направат македонските власти во замена за членство во Унијата.

Во неговото обраќање доминираше и политичката димензија на процесот. Според Кошта, државите од Западен Балкан се на крстопат и мора да направат избор – дали ќе останат заробени во минатото или ќе се движат напред кон заедничка европска иднина, избор помеѓу поделба и помирување, меѓу конфликти и соработка.

Тие вредности, како што нагласи, не се декларативни, туку се темелите врз кои е изградена самата Европска Унија.

– Само со надминување на минатото, земјите од Западен Балкан може целосно да ја преземат својата улога како идни членки на ЕУ и да придонесат за стабилна, просперитетна и обединета Европа. Патот напред нема да биде лесен. Некои реформи ќе бидат тешки, но вредат – порача Кошта.

Овие пораки се рефлектирани и во Декларацијата усвоена на завршницата на самитот, во која Европската Унија ја потврди својата посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан. Во документот се нагласува дека иднината на регионот е во Унијата и дека проширувањето не е апстрактна идеја, туку реална можност што треба да се искористи.

Лидерите на ЕУ и земјите членки, во консултација со партнерите од регионот, оценија дека самитот ја покажува силата на меѓусебните односи и на конкретните придобивки за граѓаните, но и дека руската агресија врз Украина и зголемените геополитички предизвици ја наметнуваат потребата од уште посилни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан.

Проширувањето, како што се наведува во Декларацијата, се третира како геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Во вонредни времиња, се додава, потребен е одржлив моментум – земјите кандидатки мора да ги засилат реформските напори, додека од друга страна, самата Унија треба да ги зајакне сопствените внатрешни темели и реформи.

Посебен акцент се става на владеењето на правото, демократијата и на основните права, како и на слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми, родовата еднаквост и улогата на граѓанското општество, кои се наведени како клучни предуслови за функционална демократија.

ЕУ, исто така, очекува од партнерите да ги гарантираат правата и еднаквиот третман на малцинствата, не само декларативно, туку и преку конкретни политики и одлуки.

Во документот недвосмислено се потенцира и важноста на инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи. Се нагласува потребата од спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во исто време, се укажува дека се потребни дополнителни решителни напори за решавање на преостанатите билатерални и регионални спорови, прашањата поврзани со исчезнатите лица и воените злосторства, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи. Тоа е делот од Декларацијата што најчесто се чита меѓу редови, со доза на политичка тежина што не може да се игнорира.

Од македонска страна, пораките од самитот беа пречекани со умерен оптимизам. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека е охрабрувачки кога Западниот Балкан е во фокусот на Европската Унија, бидејќи тоа, како што рече, им дава надеж и на граѓаните дека постои интерес за заедничката европска иднина. Тој потсети дека регионот географски ѝ припаѓа на Европа и дека интеграцијата во ЕУ е логичен чекор.

– Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна, бидејќи нашиот пат започна пред 25 години, но поради, би рекол, вештачки причини, сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство – изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на испорачување на сè што е потребно во пристапниот процес, но не поради самиот процес, туку, пред сè, поради македонските граѓани.

– Така работиме досега, така ќе продолжиме и понатаму – рече тој додавајќи дека очекува билатералните прашања да не бидат пречка, туку напротив, соседите да покажат поддршка за македонската европска амбиција.

Клучно, според него, е земјата да биде оценувана според постигнувањата, а не според отворените билатерални прашања – став што, иако често повторуван, сè уште ја отсликува суштинската фрустрација на македонскиот евроинтеграциски пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот