Брдаровски го засили косовскиот шампион, Гачевски со трансфер во Кипар (ФОТО)
Досегашните фудбалери на Вардар имаат нов предизвик од следната натпреварувачка сезона 2020/21, Филип Гачевски ќе ги брани боите на Енозис од Кипар, а Владица Брдаровски ќе игра за косовската Дрита.
Препорачано
Брдаровски (30), одбранбениот играч одлучи да ја продолжи кариерата во редовите на Дрита Гњилане потпишан договор на една година со можност истиот да биде продолжен на уште една сезона. Оваа екипа е предводена од нашиот тренер Ардиан Нухиу, а воедно игра уште еден македонски интернационалец, Ардиан Цуцули.
Со Вардар освојуваше три титули во Првата македонска лига, а претходно беше дел уште од унгарскиот Ѓер, Пелистер, Работнички и чешката екипа на Збројовка Брно, а воедно има и седум настапи за нашата најдобра репрезентација.
Можно е своето деби во новиот дрес да го има токму на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје против кратовски Силекс во мечот од второ квалификациско коло во Лига Европа на 17 септември.
Чуварот на мрежата Гачевски (30) кој исто така од 2015 година играше за Вардар е нов член кипарскиот клуб Енозис Неон Паралимни. Тој веќе е во Кипар и се очекува да тренира со новите тимски колеги.
Пред да им се придружи на „црвено-црните“, настапуваше уште за словенечката Мура, австриските Капфенберг и Лустенау и штипската Брегалница.


