Браво за овие наши хероини кои се „расоблекоа“ да ни пренесат нешто многу важно!

Шест преубави, смели и успешни девојки од нашето соседство се „расоблекоа“ за кампањата „Погледни зад градникот“ која има цел превенција и информираност – жените да го надминат стравот од неубавите предизвици на животот. Браво девојки!

Инспирирајте се од нивната смелост и силни пораки и погледнете си, и вие, зад градникот.

-Јас сум Александра Илиева, по професија сум музичар, саксофонист. Имам 23 години. До сега немам правено ехо или мамографија, бидејќи докторите истото го препорачуваат малку подоцна, но комплетно сум воведена во значењето на редовните прегледи. Предлагам и ТИ да водиш грижа за себе од рана возраст! Секоја жена во 20-тите години треба да се едуцира како сама преку опипување на градите да врши задолжителен преглед еднаш во година.

-Јас сум Тамара Ристовска, по професија сум актерка. Имам 26 години. До сега немам направено ехо и мамографија, често знам мојот преглед да го вршам со опипување на дојките. Научи ги и ТИ трите начини за самопрегледување! На возраст од 20 до 39 години се смета дека е потребно жената да го има својот прв клинички преглед на градите, а докторите предлагаат тоа да биде еднаш во годината или на секоја трета.

-Јас сум Катерина Шехтанска, глумата е моја љубов, но и класичниот балет. По професија сум актерка. Постојано вежбам, и воедно сум и инструктор по аеробик и кик-бокс. Имам 39 години. Го поддржувам будењето на свеста за редовни прегледи и грижа за сопственото здравје. Те поттикнувам да го чуваш и ТИ сопственото тело! Докторите препорачуваат жени со висок ризик, поголем од 20%, да прават прегледите секоја година, МРИ и мамограм, додека пак жените со умерено зголемен ризик 15% -20%, по совет од лекар може да додаваат МРИ скрининг. Годишен МРИ скрининг докторите не препорачуваат за жени кои се оценети со помал животен ризик од 15%.

-Јас сум Дани, по професија сум музички артист. Имам 40 години, а музиката ми е живот. Ако целта ми е да живеам во потполност продуктивен живот во кој ќе создавам и делувам, мамографијата како редовен преглед е од круцијално значење. Гледај ја мамографијата исто како обична посета на стоматолог… како редовен третман на лице или што и да ви е приоритет. На исто рамниште… На светско ниво, ракот на дојката е најчест рак кај жените и тоа опфаќа околу 10% од женската популација. Последните статистики од Институтот за јавно здравје за 2018-та година велат дека од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000.

-Јас сум Татјана Стојановска и сум ТВ презентер. Имам 45 год и од 40-тата редовните ехо и мамографски прегледи на дојките се моја практика. Мамограф правам на 3 години, а ехо на 1 година. ТЕ советувам да вршиш редовна контрола! Докторите советуваат дека жените кои ја ситнат 40-тата година од својот живот потребно е секоја година или секоја втора да прават мамографски преглед на дојките.

-Јас сум Искра Канзурова, по професија сум ТВ водител, инаку германист. Сѐ до мојата 49 годишна возраст немам направено мамографија, но поттикната од кампањата веднаш закажав преглед. Закажи и ТИ! Доколку во период од 40-тата до 50-тата година докоторите препорачуваат мамографија секоја година или секоја втора, по 50-тата година периодот помеѓу мамографијата се намалува на еднаш годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот