profimedia

Бранка Катиќ, актерка: Сеедно кој е на власт, сè додека властa се грижи за својот народ

Оваа година ѕвезда на фестивалот „Киненова“ е актерката Бранка Катиќ, која е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.

Во салата на Делегацијата на Европската Унија во Македонија во Скопје, се одржа прес- конференција посветена на Меѓународниот фестивал „Киненова“, што изобилуваше со уникатност и разноликост.

 На прес-конференцијата се обратија Небојша Јовановиќ, директор на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ и  Игор Анѓелков, програмски директор на фестивалот, кои ја објавија програмата на „Киненова“ за оваа година. Освежување беше директното вклучување на овогодинешната ѕвезда на фестивалот, актерката Бранка Катиќ.

Ви го пренесуваме обраќањето на Катиќ до македонската публика.

Мислам дека не сме толку политички зрели, сметам дека немаме толеранција, немаме слободни медиуми, слобода на изразување, едноставно немаме простор во кој би слушнале поинакви мислења, а тоа веднаш да не биде сфатено како некаква критика на власта. profimedia

Не сме политички зрели и немаме толеранција

Не можеш да го игнорираш општеството во кое живееш и она што во него навистина се случува. За мене би било потполно сеедно кој е на власт, сè додека гледам дека таа власт и таа влада се грижи за својот народ. Не знам како е кај вас, но мислам дека не сме толку политички зрели, сметам дека немаме толеранција, немаме слободни медиуми, слобода на изразување, едноставно немаме простор во кој би слушнале поинакви мислења, а тоа веднаш да не биде сфатено како некаква критика на власта.

Јас растев во социјализам и многу убаво растевме.

Растевме во Југославија и тоа беше многу убава земја. Родителите добиваа станови од претпријатијата за кои работеа, тоа беа тогаш државни фирми, се сеќавам дека здравствените домови беа чисти, лекарите насмеани, факултетите беа бесплатни и тоа каков успех имаш на училиште одлучуваше какво место добиваш на листата на факултет, а не дали имаш пари да платиш или не.

Тешко е од таков социјализам да се премине во овој премин, не знам веќе каде сме, квази неолиберален капитализам. Тешко е затоа што сите ние сме некако така воспитувани, дека сите сме еднакви и јас во тоа верувам. Верувам дека секое човечко суштество треба да има еднакви можности и дека треба да се почитува секој човек.

Бранка со сопругот, британски режисер, и двете деца живеат во Лондон. profimedia

Порано не мразевме никого…

Јас на тоа се сеќавам, дека ние навистина не мразевме никого, ниту Хрвати, ниту муслимани, едноставно никој од мојот круг пријатели во Белград никогаш немал чувство на омраза кон некого. И жалам што не успеавме да направиме нешто повеќе. Искрено жалам за она што му се случи на Сараево и на сите луѓе кои страдаа во таа војна затоа што секогаш постојат невини луѓе кои никого не мразат, но страдаат многу повеќе од оние кои подбуцнуваа.

Верувам дека секое човечко суштество треба да има еднакви можности и дека треба да се почитува секој човек. profimedia

Треба да нѐ поврзува нешто во што навистина сме добри

Работев една фантастична серија во Хрватска, се вика „Новине“ (Весници) и изнедривме една толку силна и креативна работа со најмала можна екипа, со толку добра атмосфера и воопшто не беше важно кој од каде е, туку се собрале некои креативни луѓе, кои имаат нешто да дадат и нешто да кажат и направија фантастична серија.

Навистина верувам дека треба да нѐ поврзува нешто во што навистина сме добри и да учиме од другите, да сме отворени кон другите размислувања и други агли на гледање на нештата, отколку постојано да мислиме ние сме најдобри, никој не е добар како нас и затоа сите ни се непријатели.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот