Босна и Херцеговина не даде согласност хеликоптер на Србија да прелета преку нивна територија
Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез не даде согласност да прелета воен хеликоптер од Србија преку територијата на Босна и Херцеговина. Со тој хеликоптер требаше делегација на Министерството за одбрана на Србија да отпатува во Бања Лука на прослава на 9 јануари, денот на Република Српска, која што власта на Босна и Херцеговина не ја признава.
Препорачано
Амбасадата на Србија во Босна и Херцеговина е одбиена за лет на хеликоптер од Србија преку територијата на Босна и Херцеговина на 8 и 9 јануари.
Новинската агенција Фена пренесе дека Хелез изјавил дека „тој прелет на хеликоптер од Србија и посета на делегацијата на Министерството за одбрана на Србија недвосмислено упатува на заклучок дека намерата е да се присуствува на настаните за одбележувањето на 9 јануари, ден кој со одлука на Уставниот суд на Босна е прогласен за неуставен“.
Хелез навел дека во својата одлука ги известил НАТО во Сараево, ЕУФОР и Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
Според неговите зборови, непочитувањето на одлуката на Уставниот суд во сите демократски држави претставува подривање на владеењето на правото а во Босна и Херцеговина потенцијално претставува и кривично дело. Хелез ја повика власта во Србија да ги почитува парламентарните, судските и другите одлуки на институциите и органите на Босна и Херцеговина и да во согласност со Дејтонскиот мировен договор, да го почитуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
Оцени дека непочитувањето на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд укажуваат на кршење на општиот договор за мир во Босна и Херцеговина и нагласи дека тоа може да има несогледиви последици за мирот и стабилноста. Хелез наведува дека како министер за одбрана и службено лице во Босна и Херцеговина, ако дал дозвола да прелета хеликоптерот, со тоа не би го почитувал конечниот авторитет на Уставниот суд и би бил соучесник во попречувањето на одлуките од Уставниот суд.
Во Бања Лука утре ќе допатува премиерот на Србија Милош Вучевиќ со делегација од владата. Уставниот суд на Босна и Херцеговина во два наврати го оспори 9 јануари како ден на Република Српска.


