Нобелова награда
Свечена церемонија за доделување Нобелова награда / Фото: EPA-EFE/HEIKO JUNGE NORWAY OUT

Блумберг: Норвешка истражува протекување на информации за Нобеловата награда

Норвешката Национална безбедносна служба (НСМ) помага во истрагата за необичниот пораст на обложувањата на овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир што му претходеше на објавувањето, објави Блумберг.

Директорот на Норвешкиот Нобелов институт, кој ја доделува наградата, Кристијан Берг Харпвикен, потврди за медиумите дека институтот денес контактирал со безбедносната служба.

Тој одби да даде дополнителни детали за тековната истрага.

Нобеловиот комитет, кој ги одредува добитниците на Нобеловата награда за мир, минатиот месец започна да истражува извештаи дека обложувањето на платформата Полимаркет скокнало неколку часа пред да се открие дека лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, ја добила Нобеловата награда за мир за 2025 година за нејзината борба за демократија.

Харпвикен минатиот месец изјави дека сајбер шпионажата е најверојатната причина за зголемувањето на сомнителните обложувања и дека институтот ангажирал „надворешни експерти“ за да истражат.

Институтот со седиште во Осло неколку пати претходно бил цел на хакери, но ова е прв пат серија обложувања да предвидат победник, соопшти американската агенција.

Во декември 2021 година, сајбер напад ги погоди веб-страниците на добитниците на Нобелова награда во Осло и Стокхолм за време на церемониите за доделување награди.

Службата за национална безбедност му помогна и на Нобеловиот институт во 2010 година, кога претрпе масивен хакерски напад откако наградата му беше доделена на кинескиот дисидент Лиу Сјаобо, објави норвешкиот новински портал VG.

Работата на петчлениот Нобелов комитет се чува во тајност 50 години, според неговите строги правила.

НСМ, безбедносната агенција, има задача да ја заштити дигиталната инфраструктура на Норвешка и да ја зајакне способноста на земјата да се спротивстави на шпионажа, саботажа, тероризам и хибридни закани, објави Танјуг.

Норвешката безбедносна полиција, ПСТ, институција одвоена од безбедносната агенција, претходно изјави дека не е дел од истрагата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот