Фото: „Слободен печат“

Блиските и обожавателите се простија од музичарот: Панчо од „ДНК“ е погребан истиот ден кога загина Тоше пред 18 години

Семејството, пријатели, соработници и обожаватели денеска го испратија Владимир Блажев-Панчо од дуото „ДНК“, кој почина на 14 октомври поради компликации по пожарот на 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“.

Панчо седум месеци се лекуваше во болница.

Тој зад себе ги остави сопругата Маја и синовите Андреја и Марјан.

„Каква судбина. Панчо го испраќаме на истиот ден кога го загубивме Тоше пред 18 години“, коментираа неговите соработници.

Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври во 2007 година кај Нова Градишка во Хрватска. Панчо не пропушташе да ја испее неговата омилена песна од Тоше, „Громови на душа“ на ниту еден настап.

Фото: „Слободен печат“

На погребот на музичарот, кој беше еден од најпопуларните и најхуманите на македонската естрада, беа неговите колеги: Калиопи, Каролина Гочева, Слаткар, „Некс тајм“, Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Елена Ристеска, продуцентот Лазар Цветкоски кој Панчо го нарекуваше брат и трет член на „ДНК“, неговата сестра Магдалена Ена Цветкоска и многу други. Со својот другар се прости и Ана Костадиновска, професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, која пееше придружни вокали во „ДНК“ и го преживеа трагичниот пожар.

Фото: „Слободен печат“

Во пожарот во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Во страотниот пожар во „Пулс“, животот го загубија повеќето членови на „ДНК“: пејачот Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, придружниот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски и битбоксерот Мартин Атанасовски-Буцо. Горан Тонев, гитарист во групата, во мај излезе од болницата во Солун, каде што се лекуваше два месеца по пожарот.

Песната „Фала“ е последен сингл кој го снимија „ДНК“, а нивната песна „Ако утре ме нема“ е еден од најголемите македонски поп-хитови последниве три години.

Фото: „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот