Мистер Бист / Фото: Fayez Nureldine / AFP / Profimedia

Бивша вработена ја тужи компанијата на Мистер Бист: „Работев и во породилна сала“

Поранешна вработена во компанијата „Бист индустрис“ поднесе тужба против продукциската куќа на познатиот јутјубер Мистер Бист, тврдејќи дека добила отказ кратко по враќањето од породилно отсуство.

Во тужбата, поднесена пред федерален суд во Северна Каролина, Лорејн Мавроматис наведува и сериозни обвинувања за повеќегодишно сексуално вознемирување и родова дискриминација. Таа поднела пријава и до американската Комисија за еднакви можности при вработување, обвинувајќи ги компаниите „Мистер Бист Јутјуб“, „Гејм чејнџер 24/7“ и „Ел-ел-си“ за прекршување на законите за семејно и медицинско отсуство.

Според нејзините наводи, била принудена да работи без прекин дури и по породувањето.

„Сè уште крвавев, а морав да бидам достапна“, изјавила таа за „ХафПост, додавајќи дека учествувала на состаноци од болнички кревет за време на трудовите, од страв дека може да ја изгуби работата. Отказот, како што тврди, го добила помалку од три недели по враќањето на работа.

Од компанијата ги отфрлаат обвинувањата, оценувајќи ја тужбата како обид за привлекување внимание со неточни тврдења. Тие наведуваат дека работното место на Мавроматис било укинато како дел од реорганизација, а како доказ приложиле интерна комуникација во која ѝ се порачува дека не мора да проверува пораки додека е во болница. Дополнително, тврдат дека била запознаена со своите законски права.

Случајот повторно отвора прашања за работната култура во компанијата на Мистер Бист, која, според тужбата, се опишува како „токсична и исклучително тешка“, со постојан притисок вработените да работат до крајни граници.

И покрај контроверзиите, Мистер Бист продолжува да го шири својот бизнис надвор од Јутјуб. Неговото реално шоу „Бист гејмс“ се емитува на Амазон Прајм, а компанијата инвестира и во други проекти, вклучително и финансиски апликации. Тој се појавува и на големи настани како Видео музичките награди на Ем-ти-ви и учествува во филмски проекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот