Васка М.Младеновска

Битола останува без трафики

Во изминатите неколку дена, на бројни локации во Битола, каде што со децении имаше трафики за продажба на весници, цигари, мастики, чоколади и други артикли се отстранети трафиките.

Сопствениците на трафиките по добивањето на новите услови од страна на Општината Битола со кои цените на земјиштето се повеќекратно зголемени, одлучија да ги напуштат трафиките и истите да ги затворат.

Некои од сопствениците самите ги подигнаа трафиките, а некои едноставно ги оставија истите да ги срушат општинските служби.

Сопствениците на трафиките по добивањето на решенијата од Општината Битола во очај реагираа:

– Оваа трафика ја работевме со моето семејство повеќе од дваесет години. Цело семејство бевме ангажирани истата едвај да ја одржиме, но сега ја затворивме и му ја оставивме на Општината „да ја работи“. Деновиве ми дојде решение да платам над 10 илјади евра на Општината. Тие пари јас не можам да ги извадам за 10 години и затоа и го ставивме катанецот. Не ми е јасно како во Општината дојдоа до овие цени што ни ги побаруваат за да ги работиме трафиките. Но, изгледа целта им е да ги отстранат сите трафики во градот. Каде битолчани ќе се снабдуваат со производите што ние ги продававме, цигари и весници, очигледно нив не им е гајле. По мое, Битола ќе биде единствениот град во Македонија без трафики. Навистина катастрофална одлука на актуелната локална власт во Битола-изјави за „Слободен печат“ еден од сопствениците кој со децении работеше во трафиката лоцирана во центарот на градот.

Инаку, според најновата одлука на Советот на Општината Битола, сопствениците на трафиките треба да плаќаат од 800 денари по метар квадратен, а за угостителски трафики цената изнесува над илјада денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот