Бислимоски - Ѓаволот

Бислимоски ќе се гони зашто му дозволил на Ѓаволот да продава нафта

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски се сомничи дека дозволил компанијата „Тритерол петрол ДООЕЛ“ Скопје која е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот да продава нафта односно да добива тендери. Според кривичната пријава што му ја поднесе Финансиската полиција, Бислимоски наместо да ѝ ја одземе лиценцата на 15 јануари, и била одземена дури по 15 месеци.

-Иако бил должен да почне постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со „евродизел БС“ (Д-Е V), биодизел, „евросупер БС 95“, екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.1.2024 година, таа е одземена дури на 14.4.2025 година- се вели во соопштението.

За овие 15 месеци компанијата направила промет од 3 милиони евра и незаконски зела речиси 500 илјади евра.

Пецов од неодамна, по две години бегство е во куќен притвор откако сам се предаде, но и откако во притвор заврши неговиот адвокат Фехми Стафа за земање поткуп, кој ветувал дека ќе заврши кај судија во Апелација. Откако падна Стафа, падна и судијата од Апелација, Ѓоко Ристов кој не беше фатен како зема пари од адвокатот, но во домот на неговите родители беа најдени 350 илјади евра заѕидани позади кујнска плочка.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Пецов Ѓаволот е еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“ заедно со бизнисменот Стојан Чифлигароски од Битола и се товарат дека биле организатори на групата, но за нив немаше обвинение бидејќи се во бегство. Во случајот „Синџир“, пак, се товари дека неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ издавала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалил ДДВ-то што требало да го плати.

Иако беше во бегство, неговата фирма редовно добиваше тендери за набавка на нафта и нафтени деривати, а тоа се гледа и од јавно достапните податоци на Електронскиот систем за јавни набавки.

Пецов и неговото семејство претходно беа осудени и во случајот „Керозин“ од пред десет години бидејќи нивната фирма „Алма комерц“ точела помалку нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала.

Судот пресуди дека тие, како сопственици на фирмата „Алма комерц“, биле организатори на групата. Меѓу останатите осудени се и сопственици на фирми со кои соработувале, потоа возачи на цистерни, но и вработени во оштетените институции. Се проценува дека фирмата успеала да заштеди три илјади тони гориво, а со тоа да го оштети Буџетот за речиси два и пол милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот