Биолошки лаборатории, супер воини, смртоносни агенти во лилјаци – уште една руска кампања за дезинформирање

Непролиферацијата ги претставува напорите да се спречи ширењето на оружјето за масовно уништување, вклучувајќи хемиско, биолошко, радиолошко или нуклеарно оружје (CBRN) и конвенционално оружје, како што се проектили и малокалибарско оружје. На светско ниво усвоени се бројни документи и стратегии чија цел е спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување.

Меѓутоа, постојат различни видови такво оружје, како што се термонуклеарни бомби, сарин, антракс и многу други хемиски и биолошки агенси, кои можат да убијат стотици илјади луѓе за краток временски интервал. Затоа, кога зборуваме за ширење на оружје за масовно уништување, факторот страв, неизвесност и „невидливост“ е многу значаен, а оваа тема е погодна за ширење на дезинформации во политичката борба и борбата за превласт на на глобално ниво.

Руската кампања за дезинформирање

Руската влада со години ја спроведува својата стратегија за дезинформирање на повеќе различни фронтови. Еден од нив е дезинформирање на светската јавност за оружјето за масовно уништување, неговото производство и ширење. Руските кампањи за дезинформирање, кога станува збор за биолошко, хемиско или нуклеарно оружје, беа забележани уште во текот на користењето хемиско оружје во Сирија и Ирак, но и подоцна, во случајот со труењето на семејството Скрипал во Велика Британија или труењето на Алексеј Навални, кога руските медиуми објавија дека противникот на режимот на Путин е хоспитализиран бидејќи се напил.

Но, руските кампањи за дезинформации за оружјето за масовно уништување се разгореа пред и за време на војната во Украина. Така, руските функционери и руските медиуми ги преувеличуваа или целосно ги измислија заканите што наводно доаѓале од Украина за да ја оправдаат инвазијата на таа земја, вклучувајќи и наводно присуство на оружје за масовно уништување, со цел да ги прикријат фактите и да создадат забуна.

Во телевизиско обраќање на 24 февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин го објави почетокот на руските воени операции во Украина, наведувајќи, меѓу другото, дека Украина се подготвува и го чека вистинскиот момент да ја нападне Русија, како и дека има аспирации да набави нуклеарно оружје.

Руската државна новинска агенција РИА Новости тогаш објави дека Украина е опасно блиску до развивање валкана бомба, релативно рудиментарен тип на експлозив кој распрснува радиолошки материјал, но не предизвикува нуклеарна експлозија. Потоа, за време на говорот во Обединетите нации на 1 март 2022 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги повтори тврдењата за наводни нуклеарни амбиции на Украина, но нагласи и дека САД контролираат лаборатории во Украина кои произведуваат хемиско и биолошко оружје.

Руското Министерство за одбрана отиде чекор понатаму неколку дена подоцна, и тврдеше дека открило докази во близина на Киев дека САД и Украина тајно развивале биолошко оружје. Сите овие изјави и пораки беа испратени со една цел – да се преплави медиумскиот информативен простор со лажни или лажнонаведувачки информации. Русија употреби голем број различни „алатки“ за да го рашири тој наратив – од пораки пренесени од руски функционери, владини агенции и организации и официјални портпароли, преку медиумски организации поврзани со државата и руски прокси медиуми кои постојат низ целиот свет, до мрежа на ботови и тролови на социјалните мрежи.

Нивната цел не беше само да ја убедат публиката да верува во одредена верзија на настани одобрена од Кремљ, туку да ја оспори способноста на набљудувачите да веруваат во кој било наратив, без оглед на доказите – или нивни недостиг. Користејќи значителни ресурси и за да ја префрли одговорноста за инвазијата на Украина, зa бегалската и енергетската криза во Европа, Русија продолжи да ги шири своите лажни наративи и дезинформации, меѓу кои и оние поврзани со конвенционалното оружје, но и со нуклеарно, биолошко, радиолошко и хемиско оружје.

Така, од почетокот на војната во Украина, Русија инсистира на наративот дека всушност сака да ја ослободи таа земја од нацистичката власт, дека бара мир, но дека Украина е агресивна и дека Западот создава дополнителни тензии. Меѓу најраспространетите вести кои доаѓаат од кујната во Кремљ е таа дека Украина користи птици како биолошко оружје против руските сили, како и дека постојат програми кои ќе создадат супер воини за борба против руските војници.

Нема ниеден доказ што би им дал кредибилитет на таквите тврдења, но во некои случаи Русија ја постигна својата цел – да ја намали или прекине поддршката за Украина, нејзиниот народ и нејзината војска.

Русија е свесна дека ваквите теми се застрашувачки, дека внесуваат немир и страв кај граѓаните насекаде во светот, особено по пандемијата на корона вирусот. Кога станува збор за биолошкото оружје, главниот наратив што Русија го туркаше е дека на територијата на Украина и Грузија се наоѓаат лабораториите за развој на биолошко оружје финансирани од САД. Ова беше и наводната причина за руската инвазија на Украина. Приказната понатаму вели дека цел на тоа оружје биле руски војници, како и да се создаде посебен вид оружје што ќе ги таргетира само Русите, односно Словените, иако за тоа нема никакви докази.

Исто така, Русија и земјите кои се нејзини сојузници, како Кина и Иран, ширеа наратив дека корона вирусот го создале САД. На социјалните мрежи имаше и извештаи дека САД префрлиле токсични хемикалии во источна Украина, за да бидат употребени против руски војници. Ваквите наративи се проширија на социјалните мрежи, но не само таму. Ги пласираат и руски функционери, а се обидуваат и да ги провлечат и низ меѓународните институции, како што се Обединетите нации, ОБСЕ и други.

Руските наративи за оружје за масовно уништување не ја заобиколуваат ниту Србија

Руските наративи и дезинформации за оружјето за масовно уништување не ја заобиколуваат ниту Србија. Особено затоа што, иако ЕУ го забрани емитувањето на руските медиуми Спутник и РТ, Спутник има свои дописници во Белград и емитува вести на српски јазик, додека руската државна телевизија РТ на средината на ноември отвори портал во Србија, а до 2024 година треба да почне со работа и телевизиски канал.

Покрај тоа, во Србија пропутиновскиот и антизападниот наратив се шири преку сите печатени медиуми кои се под контрола на власта – провладините таблоиди, но и весниците со долга историја и воспоставена репутација, телевизија со национална фреквенција, како и јавниот сервис, кои во своите извештаи софистицирано ја афирмира Москва и често пренесуваат вести од Украина од руските канали.

Затоа Србија е плодна почва за ширење на дезинформации кои му одат во корист на Кремљ, вклучително и оние кои се однесуваат на оружје за масовно уништување. Од почетокот на војната во Украина, српските таблоиди пишуваат дека се подготвува биолошка војна против Русија. Лилјаците подготвени да удрат по Русите, е исто така еден од насловите. Колку се опасни агенсите за кои Москва тврди дека САД и Украина ги прозиведувале за биотероризам.

Шокантни тврдења на Рогозин – Пентагон во Украина создавал вирус против Словените – е една од вестите што ја пренесоа некои портали. Хемиско оружје? Украинската армија ги гаѓа руските позиции со непознати отровни материи – е и еден од насловите што ги пренесува српската редакција на РТ. Документи пронајдени во лабораторија во Херсонската област потврдија: САД во Украина прават биолошко оружје ова е веста која ја донесе рускиот Спутник, а нашироко ја споделуваа и српските медиуми.

Извор: Demostat
Автор: Тамара Бајчиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот