Бесплатната вакцина која Путин ја понуди на ОН е недоволно тестирана: Секој седми доброволец се жалел на непосакувани дејства

epa08675841 A Russian medical worker displays a trial vaccine against COVID-19 in a post-registration phase of the test at outpatient hospital number 68 in Moscow, Russia, 17 September 2020. Russia registered the new vaccine called 'Sputnik V' against Coronavirus Sars-Cov-2 and opens the stage of its massive testing. EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Што би направиле ако Путин ви ја понуди новата руска вакцина против коронавирусот, и тоа бесплатно? Токму тоа му се случи на персоналот на ОН, на кои рускиот претседател Владимир Путин им понуди бесплатна вакцинација. Во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации Путин му понуди на персоналот на ОН низ целиот свет бесплатна вакцина „Спутник V“.

Бидејќи засега се објавени само резултатите на мали студии за руската вакцина, некои научници стравуваат дека таа не е подготвена за широка употреба.

„Секој од нас би можел да се соочи со тој опасен вирус. Вирусот не го поштеди персоналот на ОН, неговото седиште и регионалните служби“, рече Путин на снимениот говор од Москва.

Учесник во тестирањето на Оксфорд вакцината сведочи за своето искуство

„Русија е подготвена да му пружи неопходна и експертска помош на персоналот на ОН, а наш посебен предлог е со нашата вакцина бесплатно да ги снабдиме вработените во организацијата кои доброволно ќе се пријават за вакцинација“, рече Путин кој вакцината ја најави минатиот месец и додаде дека неговата ќерка е меѓу оние кои ја примиле.

Својата понуда тој ја опиша како одговор на барањето: „Некои колеги од ОН прашаа за ова и ние нема да ги игнорираме.“ Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик му се заблагодари на Путин за понудата и рече дека нивните здравствени служби ќе ја разгледаат.

Во извештајот објавен во магазинот „Lancet“ научниците кои ја развија руската вакцина пишуваат дека таа е веројатно безбедна и дека кај сите 40 лица тестирани во втората фаза на студијата предизвикала создавање на антитела во рок од три недели. Меѓутоа, авторите констатирале дека учесниците биле набљудувани само 42 дена, дека примерокот е мал и дека не е користен плацебо или „контролна“ вакцина.

За разлика од „Спутник V“, другите вакцини кои ветувале во првите тестови, сега се тестираат на десетици илјади луѓе во различни земји за да се утврди дали навистина штитат од инфекции и дали имаат непосакувани дејства, кои се видливи само во големите студии.

Руските медиуми во понеделникот известија дека регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге ги пофалил руските напори за развој на вакцина против коронавирусот и ја оцени вакцината „Спутник V“ како „безбедна и ефикасна“, пренесува АП.

Од друга страна, повикувајќи се на руското министерство за здравство, „Москва тајмс“ известува дека секој седми доброволец се жалел на непосакувани дејства од руската вакцина, како што се слабост и болки во мускулите. Завршните клинички студии на вакцината почнаа во Москва месецов откако многу луѓе изразија сомнежи во нејзината долгорочна безбедност и ефикасност.

Од руската вакцина околу 14 проценти од тестираните имаат благи поплаки

Според зборовите на министерот за здравство Михаил Мурашко, досега се вакцинирани 300 од најавените 40.000 доброволци, при што „околу 14 отсто се жалеле на блага омалаксаност, болки во мускулите и покачена телесна температура“, пренесува агенцијата ТАСС. Сите симптоми наводно престануваат до следниот ден.

– Компликациите се опишани во упатството и се очекувани, рече Мурашко.

Мурашко соопшти дека се очекува сите жители да бидат вакцинирани до крајот на ноември или почетокот на декември, но анкетите покажуваат дека речиси половина од Русите немаат намера да се вакцинираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот