Само со карцином до бесплатен ПАП-тест секоја година, за сите останати на три години
Матичните гинеколози нема да прават бесплатен ПАП- тест за жените секоја година. Оваа услуга сега е достапна на секои три години. Одлуката е од пред два месеци и ја имаат добиено сите ординации од „Мој термин“ кои имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување.
Препорачано
„Слободен печат“ дојде до одлуката која приватните гинеколошки ординации имаат обврска да ја закачат на видно место со цел пацинтките да се информираат. На неа стои дека не следува бесплатен ПАП почесто од три години освен доколку пациентката има позитивен наод за карцином, состојба после интервенција или пак се подготвува за операција. Исто така ПАП без пари може да добиете доколку е неправилно земен, имате неспецифичен колит или имате опериран карцином во претходните 4 до 6 месеци.
– Одлуката дојде ненадејно, таман ги научивме жените дека треба да доаѓаат на редовен преглед. Сега доаѓаат тие кои не биле од минатата година, бараат ПАП тест за рана дијагноза на карцином на матка, но кога ќе им кажеме дека се плаќа сите си одат. Се расправаат со нас, а ние воопшто не сме виновни- вели гинеколог од Скопје. Според него цената е од 1.200 до 1.500 денари во зависност од лабараторијата каде с еноси за испитување.
Пациентка со изваден канцероген јајник пред 15 години секоја година правела ПАП тест бидејќи е во ризична група. Сега од лекарот добила известување дека треба да го плати.
– Како ќе се прави превенција, ако на секои три години правам тест? Како ќе се дијагностицира карцином ако овој тест е за тоа- прашува пацинетка од Скопје.
Прашавме во Министерството за здравство зошто е донесена одлуката една година по најавениот скрининг за рано дијагностицирање на рак на грло на матка, но одговор до објавување на текстот не добивме.
Имено лани во август Министерството за здравство почна со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка. За закажување превентивен преглед, достапна беше веб-платформа Скрининг мк. Веб платформата беше директно поврзана со системот „Мој термин“ и матичниот гинеколог веднаш добиваше информација за пријавени пациентки, по што се известуваа пациентките во кој термин е закажан прегледот.
Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП-тестирање, матичниот гинеколог ги повикуваше жените, информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП- тестот.


