ВИДЕО | Бесмртна медуза: Научниците ја проучуваат тајната за вечен живот
Идејата за победа над смртта отсекогаш ја фасцинирала човечката цивилизација. Луѓето со векови барале одговори во религијата, ѕвездите, науката, криогениката, па дури и во легендите за митскиот извор на младоста. Но, додека погледите биле вперени кон небото и далечните светови, можеби тајната на бесмртноста цело време тивко пловела во океаните – во форма на медуза.
Препорачано
Станува збор за Turritopsis dohrnii, позната како „бесмртната медуза“ – единствено познато животно кое е способно да го врати својот животен циклус наназад. Наместо да умре, оваа медуза може од зрел, пливачки облик повторно да се трансформира во млада, колонијална форма наречена полип, објави Британскиот природонаучен музеј.
Биолошка тајна на подмладувањето
Овој неверојатен процес е овозможен преку механизам наречен трансдиференцијација. Благодарение на него, специјализираните клетки на медузата можат да ја сменат својата функција и да се претворат во други типови клетки. Наместо стареење и умирање, организмот буквално се „ресетира“ и започнува нов животен циклус.
Обратен животен пат
Кога е изложена на опасност, глад или повреда, медузата тоне кон морското дно и се претвора во форма слична на циста. Потоа, нејзините клетки се реорганизираат и повторно формираат колонија од полипи, од кои подоцна се развиваат нови медузи.
Бесмртност со граници
Иако теоретски може бесконечно да го повторува овој процес и да избегне смрт од старост, Turritopsis dohrnii не е целосно неуништлива. Таа сè уште може да стане плен на предатори или да биде погодена од болести, како што посочуваат научниците од Британскиот природонаучен музеј.
Од Медитеранот до светските мориња
Потекнувајќи од Средоземното Море, ова микроскопско суштество – со големина од околу 4,5 милиметри – со текот на времето се проширило во тропските и умерените води ширум светот, најчесто преку баластната вода на бродовите.
Токму оваа неверојатна способност за „измама на смртта“ ја направи бесмртната медуза предмет на интензивни научни истражувања поврзани со стареењето, регенерацијата на клетките и потенцијалното продолжување на животот.


