Беше уапсен со криминална група и српска старлета, го налути и Роналдо – кој е судијата поради кој Барса збесна?

Манчестер Јунајтед - Атлетико Мадрид/15 март 2022/фото: EPA-EFE/PETER POWELL

После вчерашните натпревари во Лигата на шампионите денес најмногу се коментира судијата Славко Винчиќ. Словенскиот судија делеше правда на дербито на вечерта помеѓу Интер и Барселона кое заврши со победа од 1:0 за „нероаѕурите“.

Во Барселона се убедени дека жестоко ги оштети на оваа средба и тоа во две ситуации. Во 67. минута Барселона изедначи со голот на Педри, но потоа Винчиќ доби сигнал од ВАР собата дека Ансу Фати играл со рака пред Педри да ја смести топката во мрежата.

Голот беше поништен, иако и правилата на ФИФА го налагаат спротивното.

„Ненамерното играње со рака кое претходи на гол на соиграч или гол-шанса повеќе не се смета за прекршок“.

Новата ситуација поради која збеснаа во Барселона дојде во самиот финиш, во 92. минута. Каталонците жестоко рагираа бидејќи сметаа дека се оштетени за пенал од дефанзивецот Дамфрис.

И ова не е првпат Винчиќ да се најде во центарот на вниманието поради скандали и контроверзии. Се сеќаваме на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Атлетико Мадрид во минатата сезона кој „црвените ѓаволи“ го загубија со 0:1.

На овој дуел посебно судењето на Винчиќ го изнервира Кристијано Роналдо кој во еден момент испрати гестикулација со која сакаше да покаже дека Винчиќ има проблем со очите. Поради овој потег Роналдо беше и под истрага на УЕФА.

 

Сега по вчерашниот натпревар казна може да заработи тренерот Чави кој непримерно гестикулираше покажувајќи дека е „платен“.

Најголемиот скандал на Винчиќ сепак му се случи надвор од терените кога го поврзуваа со криминална група, а беше уапсен заедно со српската старлета Тијана Ајфаон. Во големата акција во 2020 година покрај него беа уапсени уште 35 лица кај кои беа пронајдени различни наркотици и оружје.

Поради целиот скандал следуваше и кратка суспензија од Европската куќа на фудбалот, а се врати со натпреварот во домашната лига помеѓу Алуминија и Табор Сежан. По враќањето на терените тој тврдеше дека нема ништо со уапсените лица и дека полицијата го повикала како сведок.

„Случајно се најдов на таа забава. Имам своја фирма и бев во Босна и Херцеговина на деловен состанок. Го прифатив повикот за ручек и тоа се покажа како моја најголема грешка. Жалам поради тоа…Седев со друштвото кога дојде полицијата и се случи што се случи. Немам никаква врска со групата која е уапсена и приведена, исто така ниту моите деловни партнери“, гласеше неговата изјава за тој случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот