Берзанските цени на струјата се стабилизираат
Во однос на информациите во јавноста дека повторно имаме високи цени на берзата, претседателот на Регулаторната комисја за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека цената сега е стабилизирана и во понеделникот и во вторникот се тргувала по 140 евра за мегават-час. Берзанската цена не влијае врз домаќинствата, туку само врз компаниите.
Препорачано
– Пред 7-8 дена имаше период од две недели, каде што цената на електричната енергија, на берзите, освојуваше. Особено во овој дел од Европа, во нашиот регион, стигна и до 360 евра за мегават-час. Тоа траеше десетина, од почетокот на ноември, и тоа се должеше пред сè поради зголемувањето на цената на природниот газ во Европа. Но карактеристично беше и во овој период од две недели, повторно само во нашиот регион, имаше така драстичен раст на цената на електрична енергија, споредено со берзата во Франција, Германија, Шпанија, Италија- изјави Бислимоски во интервјуто за „Слободен печат“.
За високите цени од летово, кога еден период тие беа два-три пати повисоки отколку цените на берзите на електричната енергија, во останатиот дел на Европа, побарано е од Секретаријатот на енергетската заедница да се вклучи во изработка на анализа.
– Добивме одредено образложение, сепак во декември посериозно ќе дискутираме во рамките на Бордот на регулаторни тела. Да видиме кај е проблемот за да знаеме точно што треба како земји да преземеме, ако е проблемот со прекугранични преносни капацитети, во ред е да изградиме нови. Ако е нешто друго, да го преземеме тоа што зависи од нас. Но, јас сум повеќе од сигурен дека тоа беше надворешно влијание, односно со вештачко зголемување на трошоците за прекугранични капацитети, во одредени земји од Европа – рече Бислимоски.
Тој посочи дека тренд во Европа е единствен европски пазар, вклучувајќи го и нашиот регион. Тогаш веруваме дека сите овие нелогичности што се случуваат и можности за манипулација со прекуграничните преносни капацитети, повеќе нема да постојат.


