Бенефициран стаж за шумските полицајци, ЈП „Национални шуми“ ја губи контролата за сечење дрва
Бенефициран стаж од четири месеци на една година ќе добијат шумските полицајци и инспектори со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумите. Испитот за полагање на идните шумски полицајци веќе нема да биде електронски, нема да се снима, а ќе се полага како од пред десетина години, само писмено. Во исто време, со измената на членот 69-а се предвидува електронскиот систем за следење на дрвната маса да се воспоставува и води во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, наместо во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми.
Препорачано
Измените се однесуваат на постојниот Закон за шумите и, според образложението, имаат цел да ја зголемат ефикасноста, транспарентноста и контролата во шумарскиот сектор.
-Целта е системот целосно да се интегрира во рамките на Шумарскиот информативен систем и да овозможи следење на движењето на дрвото и дрвната маса низ сите фази – од сеча до дистрибуција- стои во Законот.
Според предлагачот, постојните законски одредби не овозможувале доволно функционална примена во пракса, што ја намалувало ефикасноста во спречувањето на незаконска сеча и нелегален промет. Во пракса досега контролата на дрвна маса се вршеше преку неколку институции: ЈП „Национални шуми“ кое управуваше со државните шуми и со водењето на електронскиот систем, шумската полиција за теренска контрола и спречување на незаконска сеча и инспекциските служби како надзор над законитоста на сечата и транспортот.
Овие институции имаа задача да го следат количеството на исечена дрвна маса, да издаваат соодветни дозволи и да контролираат дали транспортот на дрва се врши согласно законските прописи. Со новите законски измени, Владата предлага системот за следење на дрвната маса да премине во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според образложението, целта е системот да стане дел од централизираниот шумарски информативен систем, со што би се подобрила контролата и транспарентноста во шумарскиот сектор. Властите сметаат дека досегашниот модел не овозможувал доволно ефикасно следење на движењето на дрвната маса и дека со централизирано управување ќе се намали ризикот од незаконска сеча и нелегална трговија со дрва.
Останува проблемот со бесправната сеча
Прашањето за контрола на дрвната маса е особено важно бидејќи бесправната сеча претставува сериозен проблем во земјата. Во изминатите години поднесени се илјадници прекршочни и кривични пријави за нелегална сеча, а запленети се и илјадници кубни метри дрва.
Со предложените измени, Владата очекува да се воспостави поефикасен систем за следење и контрола на шумските ресурси, како и подобра координација меѓу институциите.
Контролата на дрвната маса во Македонија со години се спроведува преку систем кој го администрира државното јавно претпријатие „Национални шуми“, согласно одредбите од Законот за шумите. Новите измени што Владата ги предложи во Собранието предвидуваат оваа надлежност да се префрли директно во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел поефикасна контрола и намалување на нелегалната сеча.
Втората значајна измена на законот е полагањето на испити за шумските полицајци. Поради нефункционирање на електронскиот систем за полагање, се укинува моделот на електронско тестирање и се предвидува стручниот дел од испитот да се полага писмено, со одговарање на определен број прашања. Истовремено се бришат повеќе ставови што се однесуваат на техничката организација на електронското полагање, снимањето на испитите и вклучување на надворешни информатички лица. Со тоа, како што се наведува, се обезбедува правна усогласеност со реалните технички можности и непречено спроведување на постапката.
Дополнително, се уредува и надоместокот за членовите на испитната комисија, кој не може да надмине една третина од просечната нето-плата исплатена во претходната година, според податоците на Државен завод за статистика.
Со дополнување на членот 86-а се воведува нова поволност за овластените службени лица распоредени на работни места од ниво А3, А4 и ниво Б. Се предвидува секои 12 месеци ефективно поминати на работното место да се пресметуваат како 16 месеци стаж на осигурување. Со ова се признава специфичниот карактер на нивната работа, која вклучува теренски ангажман, физички напор и зголемена изложеност на ризик.
Иако законските измени се насочени кон подобрување на системот, експертите посочуваат дека борбата против нелегалната сеча не зависи само од законите, туку и од бројот на шумски полицајци и инспектори, дигитализацијата на системите, координацијата меѓу институциите и судската ефикасност во процесирањето на случаите.
Во наредниот период ќе биде клучно дали новиот модел на управување со системот ќе успее да ја намали нелегалната сеча и да обезбеди подобра заштита на шумските ресурси во земјата.


