Белчева: Стојанче Јовановски ме гледаше заледено кога му зборував дека прави кривично дело
Ивана Белчева денеска во судницата во својство на сведок, опишуваше како Стојанче Јовановски на 19 декември 2025 година пред нејзини очи во паркот во Ѓорче Петров ја удирал со шлаканици во лицето и телото Ивана пред очите на расплаканата Катја, како повикала полиција, но и му кажувала на Стојанче дека тоа што го прави е кривично дело.
Препорачано
-Ме гледаше заледено, не ми одговори ништо на тоа што му го зборував. Сфати дека викнав полиција и си замина со Катја – рече Белчева.
Во паркот останала Ивана, но не ги прифатила сугестиите на Белчева да го пријави случајот.
-Ивана не беше заинтересирана за тоа што ѝ го кажував бидејќи повеќе сакаше да разговара со жената што беше присутна тука и се тргнаа на страна да разговараат. Ја почекав полицијата, ја замолив Ивана да го пријави Стојанче, но Ивана замина со жената заедно. Дадов изјава на полицијата. Сакав само да се заштити детето – рече Белчева.
Зборувајќи за Катја, таа рече дека девојчето се тресело, плачело и никој не му обрнувал внимание.
-Сакаше некој да ѝ обрне внимание. Кога ја земав Катја, нормално е ако на едно дете му пријде „странец“ и го земе во прегратка, детето да го одбие. Но, Катја се припи до мене и не сакаше да ме пушти зашто јас ја смирував – рече Белчева.
Стојанче го опиша како лут, со видлива агресија која била препознатлива.
-Му ја ставив раката на рамо додека му зборував, ме погледна заледено да ја тргнам раката бидејќи влегов во неговиот физички простор. Јас се тргнав, не сакав да бидам дел од нивната кавга. Според она што можевме да го слушнеме од навредите што си ги разменуваа Стојанче и Ивана сфативме дека се работи за љубовен тријаголник, дека третата жена е љубовница на Стојанче – сведочеше Белчева.


