Мартин Саздов, фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Мартин Саздов, фото „Слободен печат“ Драган Митрески

„Решете си го проблемот“, ѝ рекоа полицајците на Ивана – Мартин Саздов сведочи за кобниот 2 март, кога згаснаа животите на Ивана и Катја

Сведокот Мартин Саздов во судница сведочи што се случило два часа пред трагичниот настан кога Ивана и Катја починаа со пад од балкон, а Ивана ја повикала полицијата во близина на Кривичниот суд за да пријави дека Стојанче ја тепа.

Според него, полицијата дошла, извршила службен разговор и со Ивана и со Стојанче и им рекле „да си го решат проблемот“ а ако уште еднаш Ивана пријави, ќе добиела кривична пријава за „лажно пријавување кривично дело“. Саздов рече дека во една ситуација самиот отишол во полициската станица „Пролет“, да пријави дека Стојанче ја напаѓа Ивана, но таму му рекле „кој си ти да пријавуваш“.

Саздов во судницата даде изјава дека Ивана немала пари, Стојанче ѝ ги земал, ако купела нешто за јадење за Катја, Стојанче го земал јадењето и го фрлал. Според Саздов, Стојанче не придонесувал за издржувањето на Катја, не плаќал никакви сметки, ниту купувал храна, за сè, вклучително и за кредитот се грижела Ивана и под присила му го препишала својот дел од станот со фалсификат документ кој го изготвил. Ивана му кажувала на Саздов дека не сака Катја да расте со Стојанче.

Мартин Саздов, Фото Слободен печат Драган Митрески
Мартин Саздов, Фото Слободен печат Драган Митрески

Во детали Саздов го опиша она што се случувало на 1 март, еден ден пред самоубиството, но и критичниот ден, втори март. Во судница плачеше кога објаснуваше дека Ивана на видеоповик на терасата со Катја во рацете, му се јавила на Стојанче, да го предупреди што ќе направи. На сето ова, според сведокот, му претходело целодневно малтретирање, навредување со зборовите „к***о“ и испади на обвинетиот Стојанче дека и детето Катја „му е одбивно бидејќи е исто како мајка му“.

-Сакам да кажам што се случуваше неколку дена пред 2 март 2026 година. Не знам дали сте ги виделе разговорите на телефонот, но Ивана цело време ми пишуваше дека ова веќе не може да го издржи, многу ѝ е тешко, не може да го поднесе Стојанче. Беше многу исплашена и психички падната. Се обидував на секој начин да ѝ помогнам. Ѝ велев да си оди кај мајка ѝ, се лутев што не оди кај мајка ѝ да живее. Си мислев, ајде ако ѝ се налутам, ќе оди кај мајка ѝ. На 1 март, еден ден пред критичниот ден, вечерта ми пиша Ивана: „Мартин, те молам не ме оставај, многу ми е тешко, не можам да го издржам ова“. Сум заспал вечерта, не сум ѝ вратил. Сабајлето ја прочитав пораката, отидов веднаш на работа кај неа да ја видам. Работното место ѝ беше во близина на училиштето „Нова“. Отидов околу 10 и 30 часот наутро. Ја видов како работи, ја повикав да излезе надвор. Се насмевна и рече: Ќе дојдам за две минути. Кога излезе надвор, разговаравме општо. Ја прашав зошто има заследено на Тикток некој униформиран полициски службеник, дали бара помош од него. Ми рече: „Не, другар ми е од порано“. Не верував. Ја прашав дали може да му се јавиме да го прашаме. Му се јави од нејзиниот инстаграм-профил, ја замолив да ми го даде да го прашам. Го прашав дали Ивана му се жалела нешто, но тој одговори негативно, дека си правеле најнормален муабет. Стоевме пред моето возило кое беше паркирано спроти нејзиното работно место. Почнавме да зборуваме да оди кај мајка ѝ. Ја молев да оди кај мајка ѝ, не дај Боже еден ден ќе ја убие. Но Ивана рече: „Не можам, Мартин, не можам да останам на улица со Катја, не можам да го оставам станот, Катја си ја бара собата“, сведочеше Саздов.

Адвокатка на оштетените, Неда Чаловска и јавна обвинителка Адела Бојчевиќ / Фото Слободен печат Драган Митрески

Тој не знаел што да направи, ѝ понудил помош, се упатил кон возилото.

-Ја завртев колата да си одам, стигнав до кај маркетот „Кипер“, не возев ни минута-две, Ивана ми се јави со зборовите: „Те молам врати се, Стојанче е тука“. Забележав по гласот дека нешто не е во ред, исплашена беше, ја тепал. Кога излегов од автомобилот, Стојанче почна да ја тепа, почнав да го влечам, да го оттргнувам да не ја удира. Тој ми велеше „к***ата ми кажа дека ти си ме наместил за дрогата“, но Ивана тврдеше дека тоа не е точно и манипулира. Пак ја тепаше, пак го оттргнав, му реков да влезе кај мене во автомобил. Ивана исто се качи на задното седиште, иако ја молев да оди на работа – рече Саздов.

Фото Слободен печат Драган Митрески
Фото Слободен печат Драган Митрески

Потоа Стојанче побарал од Мартин да го однесе во суд да се пријави. Во автомобилот била и Ивана на задното седиште.

-Кога стигнав на „Партизанска“, се сврте со боксови, почна да ја дави. Ја навредуваше „к***о една, ќе видиш со кого си фати работа“. Велеше: „Немој да мислиш дека на Мартин му се плашам“. Со колената се качи на совозачкото седиште и почна да ја удира со боксови и да ја дави Ивана која беше на задното седиште. Таа се онесвести, јас сопрев, се свртев да видам дали е Ивана добра, а Стојанче ми рече: „Остави ја к*****а глуми, ништо не ѝ е, ќе ѝ го земам телефонот од раце да видам со кого комуницира“. Ивана се освести и Стојанче почна да се смее и рече: „Види ја к*****а како глуми“. Кога стигнавме кај судот, излеговме од возилото. Не се сеќавам дали точно ја удри пред судот, мислам дека на камерите може да се види дали ја удри. Возилото го паркирав позади судот, ѝ реков на Ивана да земе такси да си оди. Јас и Стојанче тргнавме накај судот. Таа одеше позади нас. Кога стигнавме кај скалите кај судот, Стојанче пак сакаше да ја удри. Му реков: „Немој, ќе те пријави, ќе си направиш проблем“. Ивана тогаш ми се обрати дека Стојанче ме манипулира, дека таа никогаш не кажала оти јас сум го наместил Стојанче за дрога. Ѝ се свртев, намигнав, зашто знаев дека не кажала такво нешто. Кога влеговме во судот, Стојанче се пријави. Излеговме, Ивана стоеше до возилото и зборуваше на телефон. Кога стигнавме таму, Ивана го избриша разговорот од оној со кого контактирала. Стојанче ја прашуваше со кого зборува, а таа одговараше дека зборувала со мајка ѝ. Стојанче инсистираше да види, се посомневал дека Ивана го пријавува во полиција, тука ја навредуваше цело време. Таа не сакаше да му го даде телефонот за да не го скрши. Ми го даде мене за да му покажам од мои раце дека нема ништо. Ивана побара да разговара со Стојанче на страна, јас се тргнав. Застанав пред автомобилот, тие разговараа. Стојанче ја удри со двете раце одеднаш во пределот на главата. Се затрчав, го тргнав Стојанче, Ивана го зеде телефонот, се јави во полиција на 192 да пријави насилство. Мислам дека цело време телефонот ѝ беше вклучен на 192 – рече Саздов.

Стојанче Јовановски, фото Слободен печат Драган Митрески
Стојанче Јовановски, фото Слободен печат Драган Митрески

Кога Ивана пријавила во полиција, Стојанче според сведокот, ѝ се обратил на Ивана со смеење – „К***о една, ништо не можеш да ми направиш“.

-Имаше многу навреди додека да дојде полицијата. Кога дојде полицијата ја тргнаа Ивана на страна, разговараа со неа. Потоа го тргнаа и Стојанче на страна, разговараа и со него. Ивана цело време ми велеше, додека Стојанче беше со полицајците, дека таа никогаш не кажала оти јас сум го наместил него за дрогата. Полицајците им ги вратија личните карти и им рекоа на двајцата: „Решете си го проблемот“, сведочеше Саздов.

Според него, полицијата пак дошла и бидејќи Ивана не сакала да посочи кој ѝ се заканува, добила поука од службениците дека ако уште еднаш добијат повик, ќе ѝ напишат пријава за „лажно пријавување кривично дело“.

Потоа Саздов застанал кај катната гаража во близина на адвокатската улица, предложувајќи Ивана да си ги земе работите од станот. Таа инсистирала да ја земат Катја од училиште, а во спротивно одбивала да оди каде било.

-Ја земавме Катја, тргнавме кон станот. Додека се возевме, Стојанче ја навредуваше Ивана пред Катја. Ѝ се закануваше со зборовите „к***о една, ќе видиш што ќе ти направам, Катја ќе ти ја земам, да се губиш од станот, ништо не ми можете“. Го молев да не зборува пред детето. Се преправав дека наводно разговарам на телефон за да не се караат. Бидејќи сметаше дека е наместен, Стојанче ѝ се закануваше на Ивана. Кога стигнавме пред зградата на улицата „Теодосиј Гологанов“, сакав да застанам пред зградата, да ги почекам долу. Но, Стојанче бараше да се паркирам со зборовите: „Не може к*****а да оди сама во мојот стан, ќе ме мести нешто“. Предложив да се качат Ивана и Катја сами, но Стојанче не даваше. Рече: „Нема да ја оставам к****а сама, ќе се качиме сите заедно“, рече Саздов.

Стојанче ги следел Ивана и Катја до станот, со навреди.

-Катја ја гушкаше Ивана за ногата. Јас го фатив за рака Стојанче, го повлеков и му реков ќе седиме пред врата јас и ти, викаше: „К****а пак ќе ме мести, ќе ми земе нешто од дома, а јас го убедував дека едно ранче за Катја ќе земе. Ивана ја затвори вратата со внатрешниот клуч, замоли да добие 5 минути. Чекавме пред врата, не се слушнаа никакви гласови, заѕвонев на ѕвончето, до каде си, прашав, одговори: „Еве, за 5 минути“. Ја отвори вратата, ја држеше Катја во раце, рече: „Не сакаме да си одиме од станот, ќе легнеме со Катја да се доспиеме“. Му реков на Стојанче: „Ајде да се симнеме, нека се одморат“. Додека беше Ивана на врата со Катја гушната во раце, Стојанче ѝ рече на Ивана: „Ќе видиш што ќе ти направам к***о една, пак ми правиш к*****и работи, ќе ја сменам бравата, ќе ја земам Катја и станот“. Ивана само се насмеа – му рече: „Прави што сакаш“, ја затвори вратата, ја заклучи. Мислев ќе се предомисли, ќе се симне. Јас и Стојанче се симнавме. Стојанче ми велеше: „Пак ми прави таа к****и работи“. Се посомневав да не си направи нешто, а тој рече: „Таа к***а не се убива, не умира“, сведочеше Саздов.

Според неговото сведоштво, кога се симнале пред зградата со Стојанче, Ивана му се јавила со видеоповик.

-Кога спушти Стојанче, го стави телефонот во џеб, го прашав што зборуваа со Ивана, а тој рече дека не ја разбрал. Претпоставувам дека Ивана му кажала што ќе направи, но тој го стави телефонот на тивок режим и во џеб. Му ѕвонела пак, не ѝ кревал. Ми се јави Ивана мене и ми рече да му кажам на Стојанче да ѝ се јави на камера. Ивана заѕвоне кај Стојанче на камера, ѕирнав во телефонот што се случува, ја видов Ивана како стои со Катја во раце на терасата и одма сфатив што ќе направи. Викнав: „Ивана, немој да си направила глупост“. Почнав да трчам накај влезот и само слушнав силен удар. Истрчав да видам што се случи, ја видов Ивана како лежи во крв, почнав да трчам назад, мислев Катја е горе. Ми текна дека ја заклучи вратата од внатре. Се вратив назад, ја видов и Катја до Ивана и почнав да барам некој да викне брза помош. Кога слушнавме силен тресок, Стојанче почна да трча накај главната улица „Теодосиј Гологанов“. Јас истрчав накај Ивана и Катја, сакав да им помогнам, не знам како. Стојанче не отиде ни да ги види – низ солзи рече Саздов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот