Повторно извадени столбчињата кај Народна банка - Фото Слободен печат - Методи Здравев

„Бела мечка“ е дивиот паркинг кај Народна банка – столпчињата откорнати, влезот слободен

„Слободен печат“ пред повеќе од една година започна со обидите да најде која институција е надлежна, дали Општина Центар, нејзиното претпријатие „ПОЦ“, или пак Градот Скопје, но увидовме дека оваа тема за сите нив е „болна“, бидејќи ниту една од гореспоменатите институции не ни одговори дали е надлежна за ова диво паркиралиште

Повеќе од една година, дивиот паркинг сместен веднаш до зградата на Народната банка, зад автобуските постојки, останува една огромна површина каде што возачи непречено секој ден се качуваат на тротоарот со своите возила, минуваат низ пешачката и велосипедската патека за да влезат и да го паркираат својот автомобил, а институциите, освен тоа што не кажуваат која е надлежна за справување со просторот, не ги казнуваат возачите кои прават повеќе прекршоци за да можат бесплатно да си го паркираат својот автомобил.

Една година избегнување надлежност

„Слободен печат“ пред повеќе од една година започна со обидите да најде која институција е надлежна, дали Општина Центар, нејзиното претпријатие „ПОЦ“, или пак Градот Скопје, но увидовме дека оваа тема за сите нив е „болна“, бидејќи ниту една од гореспоменатите институции не ни одговори дали е надлежна за ова диво паркиралиште.

ВИДЕО+ФОТО | Див паркинг кај Народната Банка: „Ничија земја“ за надлежните, бесплатна опција за возачите

Единствено од Општина Центар нè насочија кон ПОЦ, претпријатие што според нив е одговорно за овој див паркинг, додека пак оттаму, по неколку обиди да стапиме во контакт, кратко добивме одговор дека оваа област во Маџир Маало не е во нивна надлежност, туку во надлежност на Општина Центар или претпријатието „Улици и патишта“ при Градот Скопје.

Со овој одговор започна вртењето крукчиња околу надлежноста на Општината и Градот за регулирањето на оваа површина, која патем во најголем дел ѝ припаѓа на државата, што значи дека некоја институција мора да е надлежна, но активно ги игнорира прашањата на нашата редакција.

Од ПОЦ само тврдеа дека овој дел од Маџир Маало не е во нивна надлежност и прстот го вперија во Општина Центар, но исто така за првпат беше спомнат и уште еден, трет можен надлежен за овој проблем, ЈП „Улици и патишта“ при Град Скопје.

Граѓаните постојано бараат решавање на овој проблем

До „Слободен печат“ во многубројни наврати пристигнуваа фотографии и видеа од случајни минувачи каде што се забележува импровизираниот „див“ паркинг лоциран зад автобуските постојки наспроти „Веро Џамбо“, а на него до денес постојано се паркираат десетици автомобили дневно.

Излегувањето од паркингот е уште „поинтересно“, каде што итрите возачи дури успеале да направат алтернативен излез – директно на булевар преку „сечење“ на вело-патеката и просторот за пешаци, потоа преку пешачкиот премин за на крај да се приклучат кон сообраќајот.

Фото: „Слободен печат“

Се поставија столбови, но за кратко ги откорнаа

По првата објава на „Слободен печат“ за дивиот паркинг и импровизираниот излез, за помалку од 24 часа имаше реакција и беа поставени десетина столпчиња во должина на тротоарот зад автобуските станици наспроти „Веро Џамбо“.

Скопјани не го даваат дивиот паркинг кај Народна банка, ги откорнаа столпчињата да си обезбедат влез

Во исто време, од ЈП „Улици и патишта“ соопштија дека во изминатиот месец поставувале нови заштитни столпчиња и вршеле репарација на веќе поставени, но оштетени столбови на повеќе локации низ главниот град, меѓу која беше и токму булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ кај Народна банка, со што одговорот индиректно го добивме од градското претпријатие преку нивната објава на социјалните мрежи за нивната акција за поставување на нови и обновување на старите оштетени заштитни столбови.

Сепак граѓаните продолжија „по свое“ и најдоа начин повторно да ја „ослободат“ оваа локација за паркирање и тоа преку целосно откорнување на металните столпчиња, кои патем се цврсто зацементирани на подлогата и за нивно размонтирање е потребна навистина огромна сила, но и волја која возачите очигледно ја поседуваат.

Повторно извадени столбчињата кај Народна банка - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Повторно извадени столбчињата кај Народна банка – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Доказ за загрозувањето на безбедноста на минувачите беа токму двете конкретни ситуации кога еден возач на „пунто“ и возач на „форд“ беа „фатени“ и снимени од минувачи како директно, преку тротоарот влегуваат и излегуваат од овој паркинг во периоди кога на таа локација минуваат голем број пешаци и велосипеди.

ВИДЕО | Возач на „пунто“ ги прекрши сите сообраќајни правила за да се паркира на див паркинг

Возачот на автомобилот „фиат пунто“ тогаш возејќи на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, успеа да ги прекрши можеби и сите сообраќајни правила и прописи, откако со маневар надесно од улицата се качи на тротоарот, каде што можеа да се забележат пешаци што се движат по патеката, им го пресече патот па потоа ја премина и велосипедската патека, за на крај да дојде до својата посакувана дестинација – дивиот паркинг кај Народна банка.

Вториот, пак, со своето возило „форд“ беше снимен како попладне излегува од местото на кое е предвидено да има метални столбови, вози преку пешачката и велосипедската патека и излегува на булевар.

Со објавените видеа, несовесните возачи за краток период станаа „вирални“ на социјалните мрежи, каде што стотици граѓани жестоко го осудија овој начин на возење со кој директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Овие две видеа се само „капка во морето“, бидејќи тие ситуации се случуваат секојдневно, но сепак, тие се само уште една потврда дека безбедноста на пешаците и велосипедистите кои минуваат од оваа локација е тотално загрозена и за нејзино зачувување дефинитивно е потребна брза и ефикасна интервенција од надлежните институции, како Град Скопје и Општина Центар и Министерството за внатрешни работи, во однос на изготвување план за затворање и пренамена на оваа локација, како и санкционирање на возачите што го користат ова место како паркинг и минуваат низ тротоари и вело-патеки за да стигнат до него.

Скопјани не го даваат дивиот паркинг кај Народна банка, ги откорнаа столпчињата да си обезбедат влез

За жал, повеќе од десет месеци по местењето, а кратко потоа насилното откорнување на металните столбови како физичка пречка за влез на оваа површина, ситуацијата остана непроменета, столпчињата се откорнати и искривени, а возачите на автомобилите продолжуваат со непрописно влегување и излегување од ова ќоше, сместено на пешачки премин.

МВР не казнува, а нема ни „пајаци“

Оттука проблемот веќе не паѓа на плеќите на институциите на локалната самоуправа или Градот, туку на полицијата. Уште пред „Слободен печат“ да го актуализира овој проблем со дивото паркирање на горенаведената локација, веќе беше очигледно дека полицијата ретко навраќа таму, иако е надлежна за санкционирање на овие скопјани.

ФОТО | До кога ќе се толерира дивиот паркинг кај Народна Банка?

Општина Центар во 2023 година се пофали дека го проширува и го регулира дивиот паркинг зад Народната банка на Македонија, кој е сместен подлабоко во населбата Маџир Маало.

Оттаму пред три години информираа дека станува збор за див паркинг со оштетен асфалт, на кој со „безредие се паркираа автомобили често блокирајќи се едни со други“.

Од Општината тогаш информираа дека ќе се гребе стариот и испукан асфалт, а паркингот ќе се прошири на околу 3.000 метри квадратни со што ќе обезбедат 250 нови паркинг-места.
Дури и градоначалникот на Горан Герасимовски беше на увид на инфраструктурните зафати и тогаш оттаму порача дека конечно просторот ќе биде уреден и ќе се воведе ред во паркирањето.

– Конечно го уредуваме и го регулираме просторот на дивиот паркинг на кој се паркираа автомобили кој каде ќе стигне. На целиот простор комплетно ќе биде изгребана цела површина и ќе биде вградена нова асфалтна маса дополнително овој паркинг-простор ќе биде обележан согласно сообраќајниот проект на Паркинзи на Општина Центар. Ги замолуваме граѓаните за трпеливост за време на извршувањето на овие градежни активности со цел предвидените активности да завршат во предвидениот рок од 30 дена – изјави тогаш градоначалникот Герасимовски.

Поминаа три години од единствениот општински зафат во овој комплициран реон за паркирање во Центар, но денес просторот ниту е уреден, ниту е воведен ред во паркирањето, земајќи предвид дека на 20-ина метри од локацијата што ја асфалтираа, „зјае“ огромен див паркинг.

Навистина чудно е и (не)реагирањето од страна на Министерството за внатрешни работи, од каде што ниту еднаш не информирале дека излегле на терен и го отвориле тефтерчето за казни на овие непрописно паркирани возила, а на локацијата ниту еднаш се нема појавено ниту едно од 13-те специјализирани возила „пајак“, кои комбинирано ги поседуваат ЈП „Градски паркинг“ и ЈП „ПОЦ“, иако нивните депоа се сместени на 300 метри од локацијата каде што е сместено ова диво паркиралиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот