ВИДЕО | Возач на „пунто“ ги прекрши сите сообраќајни правила за да се паркира на див паркинг
Автомобил „фиат пунто“ утринава возејќи на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, успеа да ги прекрши можеби и сите сообраќајни правила и прописи, откако со маневар надесно од улицата се качи на тротоарот, каде што можеа да се забележат пешаци кои се движат по патеката, им го пресече патот па потоа ја премина и велосипедската патека, за на крај да дојде до својата посакувана дестинација – дивиот паркинг кај Народна банка.
Препорачано
Спорната локација која се користи како див паркинг, сместен до зградата на Народната банка за која „Слободен печат“ повеќе пати пишувал и се обидувал да дознае во чија надлежност припаѓа и зошто никој не реагира, односно зошто никој не го загради ова место со метални столпчиња, или пак не му најде друга намена, корисна за граѓаните, но ниту од Општина Центар, ниту од Град Скопје немаме добиено одговор кој стопанисува со оваа локација која се користи како паркинг.
Имено, само еднаш, по објава на „Слободен печат“, од ЈП „Улици и патишта“ информираа дека се поставени столпчиња покрај еден дел кој се користи како излез од овој импровизиран паркинг, но кратко по нивното бетонирање, тие беа откорнати, најверојатно од корисниците на овој паркинг.
Видеото е само уште една потврда дека безбедноста на пешаците и велосипедистите кои минуваат од оваа локација е тотално загрозена и за нејзино зачувување дефинитивно е потребна брза и ефикасна интервенција од надлежните институции, како Град Скопје и Општина Центар и Министерството за внатрешни работи во однос на изготвување план за затворање и пренамена на оваа локација, како и санкционирање на возачите кои го користат ова место како паркинг и минуваат низ тротоари и вело-патеки за да стигнат до него.


