Беќири: Не се плашиме од АЕК, одиме по европска пролет
Македонскиот шампион Шкендија денеска ќе го одигра клучниот натпревар од групната фаза во Конференциската лига на УЕФА против АЕК Ларнака. Средбата на Кипар ќе биде од исклучително значење за тетовчани, кои со евентуална победа ќе обезбедат пласман во плејофот и продолжување на европската авантура.
Препорачано
Во пресрет на дуелот, на официјалната прес-конференција се обрати тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, кој истакна дека неговиот тим е подготвен за предизвикот.
„Докажавме дека можеме да играме против силни европски екипи во текот на ова натпреварување. Имаме голема почит кон АЕК, но во ниту еден момент не влегуваме со страв, без разлика на силата и нивото на противникот. Со максимална посветеност и сериозност во текот на целиот натпревар, се надеваме на позитивен резултат“, изјави Беќири.
Тој додаде дека АЕК е тим со исклучително цврста одбрана, која во последните натпревари примила само еден гол, и дека успехот ќе зависи од игра на високо ниво и тимска дисциплина.
„Цела недела анализиравме и разговаравме со играчите, бидејќи сакаме успешно да ја заокружиме оваа европска приказна. До последното коло сме во трка за нешто големо – европска пролет, што е огромна мотивација за сите нас“, нагласи тренерот на тетовчани.
Пред медиумите се обрати и голманот Бубакар Гаје, кој потенцираше дека целиот тим мора да биде максимално внимателен.
„АЕК е квалитетен тим со добри индивидуалци и мора да бидеме фокусирани во секој момент. Не е само моја задача како голман, туку на целиот тим да внимава на нивните квалитети. Се подготвуваме детално и веруваме во нашите способности. Моја цел е да бидам смирен, активен и да му помогнам на тимот колку што можам“, изјави Гаје.
Шкендија во ЕК има освоено седум бода и моментално се наоѓа на 21. позиција на табелата во Конференциската лига, со реални шанси за пласман во нокаут-фазата.
Преземено од: Sport.com.mk


