Фото: Фејсбук

„Бехтел и Енка“ отпушти педесетина македонски работници, а ги задржа странските

Педесетина работници ангажирани на изградбата на автопатските делници од Коридор 8 што ги гради компанијата „Бехтел и Енка“, добиле откази иако, како што велат, договорите за работа не им се истечени, објави Телма. Според информациите, се работи за работници особено од тетовско-гостиварскиот регион.

Кога дошле денеска на работа во базата на „Бехтел и Енка“ кај автопатот Тетово-Гостивар, биле известени дека веќе нема да бидат ангажирани во градењето на Коридорот 8. Тие одржаа и протестен собир со цел да го искажат револтот со оглед дека голем дел од нив имаат важечки договори.

„Има колеги што имаат до четврти, петти, шести, седми месец договор. Велат – ни рекоа толку. Демек, државата не дава средства, финансии, и поради тоа велат – немаме средства да ве држиме, да ви даваме плата, и затоа ве отпуштаме“, изјави Стојанче Ристовски – работник.

Работниците рекоа дека на работа се задржани претежно странски државјани.

„Од тие што се Индијци нема никој избркано, значи само македонските државјани се избркани. Странските не. Тука се, си работат. Странски државјани има повеќе од нас“, рече Ристовски.

Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Владата, велат дека се подмирени сите побарувања од „Бехтел и Енка“ и сметаат дека тие немаат никакви обврски за работните односи.

„Владата не должи нути фенинг, нуту денар кон компанијата ‘Бехтел и Енка’. Така што, работниците своите права треба да ги бараат во менаџментот на ‘Бехтел и Енка’ и оние што го потпишаа тој договор со ‘Бехтел и Енка’“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Од „Бехтел и Енка“ за Телма велат дека на работниците сѐ им е платено за досега извршената работа, како и дека отпуштањата

„Свесни сме дека ова е тежок период за засегнатите, но, поради природата на индустријата во која работиме, честопати постои потреба да го намалиме нашиот персонал за да ги задоволиме оперативните потреби. Категорично нема разлика во третманот врз основа на националноста. Демобилизацијата се однесува на мешавина од меѓународни и локални работници со процеси утврдени според видот на договорот.“

Од комапнијата додаваат дека со Владата продолжуваат да работат на градењето автопати низ државата и оценуваат дека Коридор 8 има добар напредок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот