Барон Трамп / Фото: EPA-EFE/CHIP SOMODEVILLA

Барон Трамп влезе во бизнисот со пијалаци: 19-годишникот стана директор на компанија вредна милиони

Најмладиот син на американскиот претседател Доналд Трамп, 19-годишниот Барон Трамп, решил да се испроба во исклучително конкурентната индустрија на пијалаци. Според нови деловни податоци, Барон е наведен како еден од директорите на компанијата „Sollos Yerba Mate Inc.“, бренд кој планира да пласира на пазарот популарен јужноамерикански растителен напиток, пишува „Њузвик“.

Се чини дека деловниот дух е семејна особина кај Трампови. Барон Трамп официјално влезе во претприемачките води, а деловните документи поднесени во сојузните држави Флорида и Делавер покажуваат дека тој е еден од директорите на новооснованата компанија „Sollos Yerba Mate Inc“.

Покрај Барон, како директори се наведени и Спенсер Бернстин, Рудолфо Кастело, Стивен Хол и Валентино Гомез. Седиштето на компанијата се наоѓа на имот од околу 400 квадратни метри во Палм Бич, Флорида, во непосредна близина на познатиот семеен имот Мар-а-Лаго.

На професионалната мрежа Линкдин, „Солос“ (Sollos) е опишан како „животен бренд на пијалаци изграден околу ерба мате и чисти, функционални состојки“. Ерба мате е традиционален растителен чај од Јужна Америка, познат по своите стимулирачки својства, кој во последните години станува сè попопуларен на западните пазари.

Особено внимание привлекува фактот што дел од деловните партнери на Барон, Бернстин и Хол, јавно објавиле дека се откажале од студиите на престижните универзитети Виланова и Нотр Дам, со цел целосно да му се посветат на овој бизнис, кој го започнале со „неколку блиски пријатели“.

Компанијата минатиот месец го затворила почетниот круг на финансирање, обезбедувајќи капитал од еден милион долари, а излегувањето на производот на пазарот е најавено за пролет.

Барон Трамп во моментов е студент на втора година на бизнис-школата Стерн при Универзитетот во Њујорк. Иако Белата куќа не одговори на прашањата поврзани со неговата улога во компанијата „Солос“, извори уште минатата година наведуваа дека најмладиот син на Трамп го поминува летото разработувајќи деловни идеи.

Ова не е негово прво искуство во деловниот свет. Во 2024 година тој основал компанија за недвижности, која била распуштена кратко по победата на неговиот татко на претседателските избори. Исто така, тој се појавува и како еден од основачите на интернет-страница поврзана со World Liberty Financial, контроверзен криптопроект поврзан со семејството Трамп.

Интернет-страницата на новиот бренд на пијалаци засега е заштитена со лозинка, а на неа стои мистериозниот слоган: „Почнува таму каде што завршува“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот