Барди: Поразот во Кардиф треба да нè запали, а не да нè изгаси
Македонската фудбалска А репрезентација со висок пораз од дури 7:1 против Велс во Кардиф ги заврши квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Препорачано
На крајот го освоивме третото место во групата Ј, но благодарение на успехот и првата позиција во групата Ц4 од Лигата Ц (сезона 2024-25) во Лигата на нации, успеавме да обезбедиме место во баражот за учество на Мундијалот.
Ждрепката во Цирих сакаше за противник во полуфиналето од плејофот да ја добиеме Данска против која ќе играме на гостински терен, а доколку триумфираме, во финалниот меч, кој исто така ќе го играме како гости, ќе се соочиме со подобриот од дуелот меѓу Чешка и Република Ирска.
Капитенот Енис Барди е свесен дека настапот против Велшаните во Кардиф не беше вистинското лице на македонската репрезентација и дека после таков резултат не треба да се губи самодовербата:
– Тежок пораз, оној што ти го гори душата! Велс нè удри силно. Болка, разочарување, да. Но ова не е крај! Сè уште сме во плејофот во март. Сè уште сме живи. Овој пораз треба да нè запали, а не да нè изгаси. Да се вратиме погладни, поагресивни, поцврсти! Ние не се предаваме. Никогаш – стои во објавата на Барди на социјалните мрежи.


