Банките предупредуваат: Не кликајте на пораките за наводна „погрешна адреса“ или „вратена пратка“

Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Од Македонската банкарска асоцијација во неколку наврати советуваат граѓаните да ги проверуваат состојбите на поврзаните платежни сметки поврзани и да си постават лимити за користење на картичките. Од Организацијата на потрошувачи редовно предупредуваат на онлајн измамите и советуваат да се купува од сертифицирани трговци

Граѓани биле „олеснети“ за по 30 евра во најновата смишинг кампања со лажни пораки добиени преку СМС. Во нив стои дека поради „погрешна адреса артиклите ќе бидат вратени“ и тоа е пропратено со линк. На ваквите пораки наседнале и некои, кои велат дека не направиле никаква нарачка и не очекуваат пратка.

Од банките за „Слободен печат“ велат дека граѓаните сѐ повеќе се расфрлаат со своите лични податоци, купувајќи масовно онлајн. Оттаму потсетуваат дека во неколку наврати објавувале совети до граѓаните како да ги заштитат своите платежни картички од можна злоупотреба и да не кликаат на линк добиен преку СМС или и-мејл порака за наводна „погрешна адреса“ или „вратена пратка“.

– Проверете дали називот на трговецот и износот во СМС пораката се совпаѓаат со називот содржан во адресата на страната каде се врши плаќањето (УРЛ), ако податоците се идентични, внеси го кодот во прозорецот што се отвора на интернет-страницата и го содржи истото име на трговец како она во СМС пораката, кликни испрати и почекај потврда за (не)успешно реализирана трансакција. Доколку се сомневаш за можна злоупотреба на твојата картичка, веднаш треба да ја блокираш или да ги намалиш лимитите за нејзино користење преку м-Банка, Интернет Банка или со јавување на телефонскиот број (+ 389 2) 3247-474, кој е достапен 24/7 – стои во објавеното соопштени на Комерцијална банка Ад Скопје.

Од Македонската банкарска асоцијација (МБА), чии клиенти пријавувале смишинг пораки, дополнително во апелите советуваа граѓаните да ги проверуваат состојбите на платежните сметки поврзани со нив и да си постават лимити за користење на картичките.

„Сите можни злоупотреби веднаш пријавете ги во вашата банка и во надлежните институции“, апелираа претходно од МБА.

И од Организацијата на потрошувачи редовно предупредуваат на онлајн измамите и советуваат да се купува од сертифицирани трговци.

Според испитувањето на јавното мислење, објавено од Агенцијата за електронски комуникации во јули минатата годинава, во земјава 99,6 отсто од граѓаните користат интернет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот