„Балканскиот картел“ запрен со дрога во Шпанија- Пренесувале кокаин во контејнери со овошје од Еквадор

Агенти на шпанската полиција во заедничка акција со Царината и Даночната агенција ја прекинаа главната рута за влез на кокаин на криминалната организација позната на полицијата како „Балкански картел“ во Шпанија, пренесува Топ Чанел.
По седум инспекции во пристаништето Валенсија, запленети се повеќе од 1.700 килограми кокаин скриени во контејнери од Еквадор. Еден од членовите на Балканскиот картел, со воена обука и широко оперативно знаење, кој дошол од Албанија за да го надгледува транспортот на дрога, е уапсен, јавуваат шпанските медиуми. Операцијата била составена од различни фази, што овозможило да се утврдат различните начини на дејствување што ги користел Балканскиот картел за да ја сокрие дрогата. Дрогата била скриена во контејнери со овошје од Еквадор.
Истрагата започна кога агентите дознаа дека криминалната мрежа може да увезува неделни морски контејнери со овошје од Еквадор, кои ќе содржат значителни количини на дрога. Агентите откриле дека криминалната организација користела различни методи за да ја внесе дрогата во Шпанија, бидејќи ја криеле на различни начини, користејќи дупки во замрзнувачот на контејнерите, дизајнирале лажни подови над нив или греди со дупки за сместување на истата.