Далноводи/ Фото: CFOTO / imago stock&people / Profimedia

Балканската електромрежа повторно може да колабира, предупредуваат експерти

Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ), со седиште во Грција, предупреди за можноста за повторување на сценариото за „електричен колапс на Балканот“.

Според мислењето на експертите на Институтот и соодветното тврдење во форматираниот извештај, „Балканот би можел да се соочи со прекин на електричната енергија и ова лето, како минатогодишниот колапс што ги остави Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина без електрична енергија или оној што го погоди Иберискиот Полуостров на 28 април“, пренесе „Нова Македонија“.

Експертите сметаат дека „главната закана за стабилноста на мрежата е високиот удел на обновливи извори на енергија, доколку тие не се избалансираат со складирање, производство од големи термоцентрали на гас, јаглен или од нуклеарни централи и управување со системот во реално време“!

Анализата предизвикува загриженост за тоа дали и Македонија е изложена на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во документот на ИЕНЕ се наведува дека мрежите на Југоисточна Европа се сè повеќе меѓусебно поврзани, како едни со други, така и со поширокиот европски електроенергетски систем.

– Оваа интеграција носи и предности, како што се подобрена стабилност на мрежата и можност за увоз на енергија за време на недостиг, но исто така, создава и вообичаени ранливости. Значително нарушување во еден дел од регионалниот систем, без разлика дали е поради технички дефект или нестабилност во протокот на електрична енергија, би можело да има каскадни ефекти преку границите, особено во услови на голема побарувачка или неурамнотежено снабдување, пишува во извештајот.

Енергетичарите во балканските земји анализираат какви мерки треба да се преземат за превентивно дејствување, за да не дојде до „енергетски колапс“ што може да причини штети од несогледливи последици во земјите од регионот поединечно, како и во заедничките преносни системи, но сѐ уште се без конкретни предлози.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот