Бадентер остана последниот „куршум“ на Ахмети
Вториот изборен круг ќе даде одговор дали Ахмети со победа во Кичево и, евентуално, во Тетово ќе успее ДУИ да ја извлече од амбисот, зашто владејачката Вреди го потврди легитимитетот за кој постојано беше напаѓана. Останува дилемата како ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе владеат во Собранието без Бадентерово мнозинство
Првиот круг на Локалните избори во албанскиот политички блок покажаа сериозно нишање на авторитетот на до неодамна неприкосновениот лидер на ДУИ Али Ахмети, или, како што веќе побараа опонентите од Вреди и од ВМРО-ДПМНЕ, негова политичка пензија. Вреди, пак, и покрај предизборниот удар што им го нанесе Арбен Таравари и неговата Алијанса за Албанците, се консолидира и на бранот е на изборна победа, барем според тежината на освоените општини, особено по победата над Бујар Османи во Чаир. Вториот изборен круг ќе даде одговор дали Ахмети со победа во Кичево и, евентуално, во Тетово ќе успее ДУИ да ја извлече од амбисот, иако според бројот на советници и освоени гласови нивната коалиција Националната алијанса за интеграција (НАИ) води пред Вреди. Владејачката Вреди го потврди и легитимитетот на кој по ланските парламентарни избори постојано атакуваше ДУИ. Останува дилемата како владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе менаџираат во Собранието без Бадентерово мнозинство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вреди уште во првиот круг доби пет градоначалници, и тоа во Чаир, Арачиново, Сарај, Желино и Теарце, додека НАИ има тројца – во Липково, Чашка и во Пласница. За влакно не им помина градоначалникот во Гостивар, бидејќи според излезноста таму нема цензус, па изборите ќе се повторат. Според бројот на освоени советнички места води НАИ.
Директен показател дека НАИ, односно ДУИ изборите ги доживеа како пораз е тоа што првпат Ахмети не се појави на прес во седиштето во Мала Речица, практика што лидерот на ДУИ ја практикуваше изминативе 23 години откако е на политичката сцена. Пред јавноста не се појави ни кандидатот за Чаир, Бујар Османи, туку преку Фејсбук му ја честиташе победата на Меџити. Коментарите во Вреди се дека ДУИ во Скопје веќе ја нема, со оглед на победата на владиниот партнер во трите клучни општини – Чаир, Сарај и Арачиново. Меџити веднаш по прогласувањето на победата во Чаир, го повика Ахмети да се повлече од политичката сцена.

– На ДУИ и на Ахмети, кои се залагаа за легитимитет, им честитам за победата во Пласница, додека во другите општини убедливо води Вреди. Во Чаир сме тука да ја прославиме победата на Вреди уште во првиот круг. Тие посакуваа да се мериме во Чаир и во Тетово, но и таму убедлива победа ќе издвојува Вреди – изјави Меџити.
И премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по убедливата победа на локалните избори, му порача на Ахмети да се пензионира.
– Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков – полека, смири се, почекај, непријатно ќе бидеш изненаден од резултатот. Ова е тој ден. Она што е најважно е што на овие избори политиките на етноцентризам, национализам и вештачки теми за орли и зајаци, и теми што се небитни за граѓаните – се поразени, а се отвора прашањето за реформи во опозицијата. Јас не посакувам послушна опозиција, но далеку поконцентрирана и покапацитетна од оваа што зборува за орли и за зајаци – рече Мицкоски.
По нокдаунот на НАИ во првиот изборен круг, очекувањата се дека сите сили во вториот круг ќе ги насочат кон Кичево за повторно таму да победи Фатмир Дехари од ДУИ. По првиот круг, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски води со 11.786 гласа, а Дехари е втор со 5,586 гласа, кандидатот на Вреди Фатмир Лимани има 4.164 гласа, а независниот Шкодран Алили има 3.902 гласа. Ако гласањето во Кичево биде етничко, односно гласачите на Лимани и на Алили гласаат за Дехари, ќе биде неизвесно дали Јовановски или Дехари ќе ја освои победата. Од големите општини НАИ ќе игра на картата при повтореното гласање да го добие Гостивар, бидејќи сега таму нивниот кандидат со 16.949 гласа е далеку пред кандидатот на Вреди со 4.221 глас. Во Тетово, кандидатот на Вреди Билал Касами со 19.028 гласа води пред кандидатот на НАИ Бајрам Реџепи (15.272 гласа), a во Струга, во вториот круг тесна битка ќе водат кандидатот на Вреди Менди Ќура (9.934 гласа) наспроти кандидатот на НАИ Арсим Далипи (9.719).
Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски во изјава за „Слободен печат“ цени дека изборните резултати од првиот круг се поразителни за ДУИ.

– Тоа што не се појавија на прес-конференција Али Ахмети и Бујар Османи, како и тоа што Општина Чашка се претстави како голем „трофеј“, укажува на тоа дека за ДУИ овие резултати се поразителни. Иако се блиску со Вреди во бројот на градоначалници во првиот круг (5:3) и веројатно ќе имаат малку повеќе советници, сепак, е ова далеку од најавите и очекувањата на ДУИ и практично декласирање на нивната „мантра“ за легитимитетот во „албанскиот“ блок.
Тоа веројатно го става ад-акта прашањето за предвремени избори или промени во Владата, освен ако за тоа се решат владините партии токму заради обезбедување на Бадентерово мнозинство и без гласовите на ДУИ во Собранието – смета Кржаловски.
Според него, со резултатот што го остварија ВМРО-ДПМНЕ и Вреди може да се очекува Бадентеровото мнозинство да се постигне и без избори, односно некои пратеници од ДУИ, т.е. од Европскиот фронт, да го напуштат „бродот што тоне”.
Политичкиот аналитичар Лука Павиќевиќ на Фејсбук објави дека Вреди веќе е стабилизирана политичка структура со силно гласачко тело.

– Непроменета ситуација меѓу партиите на Албанците. НАИ имаат 114.235, а Вреди (овој пат без Таравари) имаат 91.969 гласа на советничките листи. Мојата проекција им дава 130.080 гласа на ДУИ (3.000 повеќе од парламентарните) и 104.490 на Вреди (3.000 помалку). Ова значи дека Вреди е стабилизирана политичка структура со силно гласачко тело. Ефектот од заминувањето на Таравари е минорен. ДУИ повеќе од половината од своето водство го добива во Гостивар и Врапчиште, каде излезноста беше толку мала што ќе мора да се повторува изборот за градоначалник, и во средини каде Вреди нема свој кандидат – Карпош, Пласница, Маврово. Губењето на Чаир е тежок удар за нив. Битката за Тетово ќе биде пресудна да се одреди победникот. Вреди конечно можат да се опуштат – смета Павиќевиќ.



