Бабовски: Избегнувајте места со крлежи и комарци, милениците редовно да се третираат против паразити

Николче Бабовски - директор на АХВ / Фото: ,,Слободен печат'' / Методиј Здравев

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски денеска, по повод 6 Јули – Светскиот ден на зоонозите, апелира граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи, а своите домашни миленици редовно да ги третираат против паразити.

Бабовски препорачува и храната да се заштити од глодари и да се чува на безбедно место, како и зеленчукот и овошјето темелно да се мијат пред употреба. Да се внимава и да не се пие вода од места каде што постојат индикации дека можеби е загадена со животински измет. Храната термички да се третира, да се одбегнуваат контакти со глодари и нивен секрет. Доколку од околината мора да се отстрани угинато животно, треба да се користат маска и гумени ракавици, а мршата треба претходно да се дезинфицира со средство за дезинфекција, апелира директорот на АХВ.

-Зоонозите се болести на домашните и на дивите животни кои се пренесуваат и на луѓето. Причинители на зоонози се разни видови микроорганизми и тоа вируси, бактерии. паразити, габички и други. Извор на зараза за човекот се домашните и дивите животни, или нивната непосредна средина, доколку е контаминирана со нивни секрети и екскрети, а во одредени случаи и инфицираниот човек, иако тој ретко може да биде извор на зараза. Луѓето може да се инфицираат и преку одредени производи млеко, месо, јајца или суровини – кожи, особено доколку се со непроверено потекло или се добиени од објекти и оператори со храна кои не се одобрени и не се под контрола на надлежен орган. Причинители на зоонози се и инсектите – вектори. Улога на вектори имаат и крлежите, вошките,болвите, комарците како и други инсекти артроподи, наведува Бабовски.

Според него, на зоонози најмногу се изложени луѓе кои работат со животни или работат во производство и преработка на производи кои потекнуваат од животни месо, кожа, волна – сточари, ветеринари, ловџии.

-Домашните животни, поради поголем контакт со луѓето, многу почесто се извор на зараза од дивите животни. Поради ова, домашните миленичиња по препорака и совет на ветеринар да се третираат против паразити. Рацете да се мијат редовно, да не се допираат лицето, областа околу устата и носот со валкани раце, но и граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи. Доколку граѓаните се наоѓаат на место каде што има многу комарци, да носат светла платнена облека со долги ракави и ногавици која ќе го заштити нивното тело од убоди, по прошетка во природа облеката и телото да се прегледаат, порачува директорот на АХВ.

Тој додава и дека ако се забележи крлеж, треба веднаш да се отстрани, но од страна на стручно лице – лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот