Александар Николоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Автопатот Охрид-Кичево, ако некогаш се заврши, ќе нè чини вкупно 770 милиони евра

Конечната цена на еден километар од автопатот Кичево – Охрид е 13,5 милиони евра, а тоа значи дека целиот автопат би требало да чини меѓу 760-770 милиони евра, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Градежните работи треба да завршат заклучно со оваа година, додека заклучно со месец мај треба да добиеме употребна дозвола имајќи предвид дека досега, за жал, употребни дозволи не се давале за наголем дел од патиштата во Македонија, вели Николоски.

И покрај оваа цена, која не е мала, како и маратонската изградба на делницата од 65 километри, која трае цели 12 години, Николоски за споредба ги понуди автопатиштата по коридорите кои ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ (договорени без тендер во времето на власта на СДСМ и ДУИ). Вицепремиерот, релативизирајќи, наведе дека делницата Охрид-Кичево сепак била „најевтиниот автопат што се гради во Македонија“ бидејќи другите делници биле уште поскапи.

-Ова е сè уште најевтиниот автопат кој што се гради во Македонија. За споредба, автопатите што се градат на коридорите 8 и 10 со договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе стигнат некаде по 15,5 до 16 милиони евра по километар. Скопје – Блаце од ова што имаме како индикативни понуди, ги работиме заедно со Европската банка за обнова и развој, ќе биде некаде околу 21 милион евра по километар и нешто слично ќе биде Кичево – Букојчани. Што значи дека ова сè уште останува најевтиниот автипат кој што го градиме, но доколку беше изграден навреме, ќе беше помалку од ова што е сега, изјави Николоски.

Тој рече дека единствениот дел на Охрид – Кичево се 20-те километри што се обврска на кинеската компанија „Синохидро“.

-Тие се во вредност поголеми, затоа доаѓа 51 процент. Значи од 57 километри, 37 се завршени, 34 се во функција. Тие беа работени од македонски подизведувачи, од компаниите „Гранит“ од Скопје и „Илинден“ од Струга и тие се целосно завршени. Делот што не е завршен е дело на „Синохидро, јасно е динамиката на „Синехидро“ не е на она ниво на кое што ни очекуваме, изјави Николоски и најави состанок со раководството на компанијата за Европа.

За изградбата на историскиот автопат кој треба да го внесе нашиот најголем туристички центар во 21-от век, неодамна беше потпишан осмиот анекс на договорот со кинеската компанија, вреден 186 милиони евра буџетски пари.

Охрид-Кичево автопат да биде, еден убав пролетен ден – осми анекс денес потпишаа Трајановски и Чен Чен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот