Зеленски и австрискиот претседател Ван дер Белен/Фото: PRESIDENT OF UKRAINE / Zuma Press / Profimedia

Австрија: Бура во парламентот по посетата на Зеленски

Посетата на Зеленски на Виена не ја разниша неутралноста на Австрија, само ја разоткри поделеноста околу тоа што значи таа неутралност во едно време на глобална морална криза.

Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Австрија предизвика длабока политичка поларизација во австрискиот парламент. Иако беше планирана како дипломатски гест од страна на сојузниот претседател Ван дер Белен придружена со средби од економска и политичка природа, таа стана повод за жестока расправа.

Во фокусот на полемиката беше не само самата посета, туку и тоа што се одвиваше паралелно со клучната буџетска дебата.
Слободарската партија (ФПО) ја користеше посетата како платформа за напад врз надворешната политика на владата и повторно го активираше својот омилен наратив – дека австриската неутралност е целосно деградирана.

Според ФПО, изразувањето поддршка за Украина, а особено пречекот на Зеленски, ја претвора Австрија од неутрална во „пристрасна“ држава што зазема страна во конфликт. Притоа, ФПО ја претстави оваа поддршка како „прегазување на неутралноста“ и „учество во пропагандна манипулација“. Тие не се воздржаа да ја обвинат владата дека работи повеќе во интерес на Украина отколку на австриските граѓани, сугерирајќи дека таа свесно ја жртвува австриската неутралност за политички поени и меѓународна слика.

ФПО под оган

Народната партија (ОВП), како главен столб на владината коалиција, категорично ја отфрли критиката на ФПО, нагласувајќи дека неутралноста на Австрија не значи рамнодушност кон неправдите во светот. Според нив, Русија води агресивна и неправедна војна против Украина, и затоа Австрија има политичка, морална и хуманитарна обврска да ја поддржи земјата погодена од конфликтот. ОВП предупреди дека реториката на ФПО ги приближува позициите на руската пропаганда и создава конфузија околу значењето на современата неутралност во дипломатијата. Пречекот на Зеленски и економските разговори за учество во обновата на Украина се гледаат како легитимни и во интерес на Австрија.

Социјалдемократската партија (СПО) исто така изрази силна критика кон ФПО, оценувајќи ја нивната позиција како ирационална и опасна. СПО го застапува концептот на активна неутралност на држава која не е дел од воени сојузи, но не ги игнорира прекршувањата на човековите права и меѓународното право. Според нив, Австрија мора да остане гласна во одбрана на демократијата и хуманизмот, а критиките кон ФПО ги засноваат на обвинувања дека таа партија шири дезинформации и ја минимизира одговорноста на Русија за злосторствата во Украина.

Либералната партија HEOC го оцени настапот на ФПО како класично популистичко одвлекување на вниманието и обид за создавање политичка поларизација. За HEOC, неутралноста не треба да значи морална немоќ, туку можност за политичка и хуманитарна поддршка без директно учество во воени операции. Тие ја обвинија ФПО дека не ја брани вистинската неутралност, туку ја користи како параван за прикриени проруски ставови, при што нивната кампања ја нарекоа „руска пропаганда во австриско пакување“.

Расправата во австрискиот парламент покажа колку е продлабочена политичката и идеолошка поделба во државата. Додека ФПО инсистира на стриктна, речиси исклучителна неутралност и ја користи секоја меѓународна посета како повод за внатрешна мобилизација, другите парламентарни партии (владејачките и опозициските) застанаа во одбрана на активната, вредносно ориентирана надворешна политика.

ФПО се позиционира како политичка сила што го користи зборот „мир“ не како заложба за правда, туку како средство за релативизирање на агресијата. Останатите партии, и покрај идеолошките разлики, демонстрираа единство во критиката на ФПО и нејзиниот опасен политички дискурс. На крајот, посетата на Зеленски на Виена не ја разниша неутралноста на Австрија, само ја разоткри поделеноста околу тоа што значи таа неутралност во едно време на глобална морална криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот