Доналд Трамп по атентатот/Фото: EPA-EFE/DAVID MAXWELL

Атентаторите на Трамп се „осамени волци“ во старо руво, но со интернет

Интернетот нуди разни катчиња што се плодна почва за радикализација. Форуми, чет-групи, видеосодржини што се специфично насочени кон луѓе со одредени психосоцијални карактеристики што ги прават поподложни на разни форми на манипулација. Иронично, самиот претседател Доналд Трамп е меме на таа култура – Белата куќа објавува дипфејк видеа, тој ја користи платформата Трут сошал за максимална пропаганда, а степенот на дезинформации од неговата администрација е на рекордно високо ниво.

Беше ранет во увото од куршум што за неколку милиметри не го уби на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија, во јули 2024 година. Потоа неговото обезбедување спречи друг обид за напад во неговиот голф-клуб во Флорида, а сега се случија најнови два напада во Вашингтон едноподруго. Сите овие постојани директни закани се насочени кон еден човек – претседателот Доналд Трамп.

Последниот инцидент се случи завчера откако Тајната служба застрела вооружен маж во близина на Вашингтонскиот споменик, откако тој отворил оган врз агенти. Овој напад на неколку блокови од Белата куќа предизвика пренасочување на конвојот на потпретседателот Џеј Ди Венс. Трамп бил на безбедно во Белата куќа. Настанот се случува за помалку од две недели откако Коул Томас Ален отвори оган во хотел во Вашингтон за време на вечера на која присуствуваше американскиот претседател.

Ова не е чудно за Америка, која има богата историја кога станува збор за атентати врз високи политички фигури. Претседателите Абрахам Линколн, Џејмс Гарфилд, Вилијам Макинли и Џон Ф. Кенеди се убиени за време на нивниот мандат. Роналд Реган преживеа еден атентат, а Џералд Форд два атентата во рок од три недели во 1975 година.
Чинот на политичко насилство не е ексклузивен за Доналд Трамп, но зачестеноста на овие инциденти во период од неполни две години, во услови на модерно обезбедување и напредни разузнавачки технологии, покажува сериозни системски пропусти, освен фактот дека Трамп не е баш популарен.

Време на онлајн радикализација

Контекстот во кој се случуваат овие настани е поврзан со моменталната политичка клима во САД, која се карактеризира со висока поларизација.

Иако тврдењето дека „Трамп или го сакаш, или го мразиш“ звучи како поедноставување, факт е дека бројот на неутрални граѓани е на историски најниско ниво во споредба со неговите претходници во последните неколку децении. Јавниот дискурс е остро поделен, а според социолошките истражувања, ваквата атмосфера придонесува за зголемување на анимозитетот меѓу различните политички табори.

Трамп, пак, со неодамнешните одлуки, станува сѐ понепопуларен дури и во својот табор. Тој се соочува со растечко незадоволство предизвикано од радикалните миграциски политики и бескомпромисните методи за пресметка со неистомислениците. Дополнително, влегувањето на САД во воен конфликт со Иран не придонесе на неговиот углед.

Идеолошка какофонија

Интересно е дека, спротивно на перцепцијата дека атентаторите на Трамп се исклучиво радикални левичари, официјалните профили покажуваат идеолошка какофонија. Напаѓачите, како Крукс и Раут, имале врски со републиканците или дури гласале за Трамп во минатото. Заедничко им е дејствувањето како „осамени волци“, односно изолирани поединечни напаѓачи, со месијански комплекс, верувајќи дека имаат историска мисија да го „поправат светот“ што покажува отсуство на јасна идеолошка фракција. Лесниот пристап до оружје им дава шанса да се обидат да ги остварат радикалните замисли, а интернетот долева гориво на нивната идеолошката индоктринација.

Начинот на кој се соџвакуваат информациите денеска е драстично поразличен од порано. Луѓето се бомбардирани со секакви содржини, во голем број, далеку поголем од бројот на информации на кои луѓето биле изложени во минатото. А менталните филтри за распознавање точна од неточна информација не се подобрени. Децентрализираната природа на социјалните мрежи овозможува брзо ширење екстремни ставови и теории на заговор, а тоа создава средина во која поединци можат да се радикализираат онлајн. Поединечните напаѓачи се особено тежок предизвик за безбедносните агенции бидејќи нивните намери тешко се детектираат пред самиот чин.

Интернетот нуди разни катчиња кои се плодна почва за радикализација. Форуми, чет-групи, видеосодржини што се специфично насочени кон луѓе со одредени психосоцијални карактеристики што ги прават поподложни на разни форми на манипулација. Иронично, самиот Трамп е некакво меме на таа култура – Белата куќа објавува дипфејк видеа, додека претседателот ја користи платформата Трут сошал за максимална пропаганда, а степенот на дезинформации од неговата администрација е на рекордно високо ниво.

Црвени пилули

Живееме во време на теории на заговор што се менуваат од ден за ден, со истата цел, да ги „освестат“ луѓето за „вистината“.

Таков пример е „КјуАнон“, екстремна теорија на заговор, настаната на маргиналните интернет-форуми уште во 2017 година. Таа промовира неосновано тврдење дека светот тајно го управуваат моќни политичари, милијардери и холивудски ѕвезди вклучени во сатанизам и во трговија со деца. Во центарот на овој заговор е Доналд Трамп, доживеан од следбениците како „месија“ што води тајна војна за уништување на оваа елита или барем беше така во неговата предизборна кампања. Кога во овие кругови се зборува за земање на „црвената пилула“ (термин преземен од филмот „Матрикс“), всушност се опишува процесот на „освестување“, иако станува збор за индоктринација. Оваа теорија на заговор се подгреа во светло на новите настани со досиејата за Епстин, но бидејќи Трамп е вплеткан во сето тоа, а и Белата куќа не го испорача тоа што го ветуваше американскиот претседател претходно, можеби тој веќе не е „месијата“.

Од другата страна на политичкиот спектар, радикалната поларизација раѓа свои екстреми, честопати категоризирани под неформалниот термин „БлуАнон“. Овој феномен ги опфаќа теориите на заговор од другата страна. На пример, атентатот врз Трамп во предизборната кампања, наводно е целосно инсцениран настан од самиот Трамп со цел собирање политички поени и донации.

Овие верувања не се ништо ново, особено не во Америка која е изворот на речиси сите актуелни теории на заговор што се прифаќаат низ целиот свет, но разликата е во тоа што денес интернетот овозможува експресно ширење на таа меметика, со што драстично се забрзува целиот процес.

Во ваков амбиент, профилот на атентаторот е еволуиран. Додека историските атентатори честопати дејствувале отсечени од другите истомисленици, современите напаѓачи можеби се физички сами, но се дигитално вмрежени. Тие се потпираат на онлајн платформи кои служат како ехо-комори, каде што нивните радикални делузии не се само поттикнувани, туку и системски оправдувани преку постојано сервирање дезинформации.

Овие континуирани напади се огромен притисок за Тајната служба на САД. Секој нов инцидент, без разлика како завршил, е црвено светло што покажува дека старите правила веќе не се доволни за справување со модерните закани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот