Асоцијацијата на кошаркари бара да започне првенството

фото: МКФ

Асоцијацијата на Кошаркарски играчи денес преку соопштение побара од надлежните да донесат одлука за почеток на првенството со запазување на здравствени протоколи.

Стартот на првенството досега два пати беше одложен поради позитивни тестови на коронавирусот кај кошаркарите, поради што се очекува Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) да одреди нов термин.
Асоцијацијата на кошаркарски играчи бара да нема повеќе одлагање и да се следи примерот од останатите спортови каде се изолирани само спортистите кои се позитивни на ковид-19.

Соопштението на Асоцијацијата на кошаркарски игрчаи ви го пренесуваме во целост:

Асоцијацијата на Кошаркарските Играчи бара да се дефинираат здравствените протоколи поврзани со ковид-19 пандемијата, а се однесуваат на одржување на спортски натпревари. Сведоци сме на различно толкување на протоколите од страна на различни екипни спортови, а најголеми губитници сме ние Кошаркарските играчи и оние кои го следат и сакаат овој спорт, бидејќи единствено кошаркарското првенство не е започнато.

Првенствата за сите други екипни спортови се започнати, а истовремено и заболените со ковид-19 се третираат на различен начин отколку што се постапува со нас кошаркарите. Нашето првенство неколкупати се одлага поради позитивни случаи со ковид-19, целите тимови (дури и оние кои се негативни и без никакви симптоми) се ставаат во изолација поради еден позитивен случај и поради тоа нема услови за започнување со натпреварување. Додека во другите спортови само позитивните случаи се изолираат и натпреварувањата и тренинзите продолжуваат.

Ние како спортисти се залагаме за здрав живот и безбедност за сите и апсолутно ќе го почитуваме сите мерки кои ќе бидат наложени, но истовремено во духот на спортот е да има правичност, неселективност и еднаков пристап кон сите, така што бараме протоколите да бидат исти за нас како и за сите. Сите се обидуваме да се навикнеме на „новата реалност” и важно е да не дозволиме и оваа сезона да пропадне. За нас спортистите да не тренираме и да не се натпреваруваме има големи последици по нашата физичка подготвеност, врз нашата работа и егзистенција, а може да ни се случи и одлив на младите сили и кадри.

Да бидеме безбедни и разумни истовремено и да оствариме и спортски живот со највисоко ниво на безбедност на нашите спортисти!

Внимавајте на себе, држете дистанца, спортувајте!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот