Ашаданов: Нашата кратка ротација донесе победа за Португалија

Селекторот на кошаркарките, Александар Ашадановфото: kfsmk.mk

Женската сениорска кошаркарска селекција на Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Евробаскетот кој се игра во 2025 година. Имавме повеќе од три сосема коректни четвртини на гостувањето во Матошинос, но на крајот Португалија ја оправда улогата на подобро рангирана селекција.

Дури и превисоки се оние крајни (65:52) за домашната селекција, пред сè затоа што нашите кошаркарки во ниту еден момент не покажаа доза на инфериорност. Напротив, успеаја во обидите да се вратат по двоцифрената негатива. Дури и да преминат во водство. Но после сè, Португалија се покажа како селекција која знае да ги користи своите предности.

– Најпрво честитки за победата на Португалија, секоја пофалба и за девојките кои дадоа максимум на теренот. Интересен, но во исто време и доста исцрпувачки натпревар. Иако домаќинот отиде на паузата со предност од седум поени, девојките не се откажаа одиграа одлична трета четвртина каде во добар дел од неа и имавме водство. Покажаа карактер, но очигледно е дека за комплетен успех недостасува уште нешто. Малата, односно кратка ротација на бековските позиции и доминацијата во офанзивниот скок, на крајот му донесоа победа на противникот. Самокритични сме и знаеме дека натпреварите се играат за да се победуваат. Наше е да сумираме и да пробаме да ги решиме недостатоците во играта. Знаеме кои се тие, ќе се обидеме да ги сведеме на што пониски бројки во натпреварите кои што следуваат – рече селекторот на националниот тим, Александар Ашаданов.

фото: kfsm.mk

Извесно е дека и на овој премиерен меч во новиот квалификациски циклус, не бевме комплетни. На оваа средба, селекторот Ашаданов не можеше да смета на искусната Александра Стојановска.

– Евидентно, во една ваква ситуација, извесно, нам ни треба секој играч, особено каков што е Александра Стојановска. Во Матошинос ја имавме Нена Трајчевска, и таа не е целосно фит, но уште еднаш покажа каков професионалец е. Даде сè од себе, им покажа и на другите како се игра за репрезентативниот дрес. Во овој момент тоа е нашиот максимум. Се надевам дека на наредниот меч, на домашен терен, против Србија, ќе играме уште подобро – вели Ашаданов.

Следниот меч за нашите најдобри кошаркарки е на 12 ноември (недела) против репрезентацијата на Србија. Натпреварот е закажан за 18.00 часот, ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, а влезот е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот