Арсовска: Со кое овластување редарска служба ќе легитимира гости во кафеана

Данела Арсовска / Фото: Принтскрин

Како ќе се воспостави редарска служба во правни лица кои ја немаат според систематизација и според кое овластување кој било што не е службено лице ќе легитимира? – прашува Арсовска

Во држава во која нема функционален здравствен систем, во која луѓето се вакцинираат од донации и за третирање болести се собираат донации за лекување преку СМС-пораки, министерот за здравство ќе воведува редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, коментира на својот фејсбук-профил Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, откако властите најавија дека од 16 август редарски служби ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација на лицата што ќе учествуваат на настани каде што ќе има 30 гости.

– Како ќе се воспостави редарска служба во правни лица кои ја немаат според систематизација и според кое овластување кој било што не е службено лице ќе легитимира за да утврди дали доказот за вакцинација кореспондира со лицето кое го приложува? Ова ја надмина по иновативност мерката да ве идентификуваат угостителите дали вие и лицата со кои седите на иста маса сте од исто семејство, која не можеше да се спроведе – пишува Арсовска.

Одлуката на Владата според која од 16 август кафеаните и кафулињата ќе работаат само на отворено, а ако има повеќе од 30 гости и при некој организиран настан, како што е конференција и семинар, ќе се дозволи влез само на вакцинираните, предизвика бурни реакции во јавноста.

Независната угостителска комора потенцираше дека е неприменливо секој угостителски објект да организира редарска служба и дека на овој начин се тераат угостителите да ги кршат човековите права загарантирани со Уставот.

И од Бизнис конфедерацијата на Македонија се сложија дека на овој начин се кршат повеќе човекови права и потенцираа дека работниците се делат на вакцинирани и на невакцинирани при извршување на своите задачи, но изјавија дека Конфедерацијата, како партнер на Владата, ќе ги почитува насоките дадени со цел заштита на здравјето на населението.

На социјалните мрежи, пак, веќе почна да се организира протест, закажан за 15 август, против барањето потврди за вакцинација.

Потврдите за вакцинации, како „влезница за настан или ресторан“ се применуваат во многу земји, но во голем дел исто така има отпор. На социјалните мрежи, на пример, се споделува видео како во Италија ги кинат ковид-пасошите за да се солидаризираат со невакцинираните.

Пазарниот инспекторат збунет од новата задача

Државниот пазарен инспекторат има 180 инспектори и институцијата чека инструкции за тоа како ќе ги контролираат редарите.

– Инспекторите ја немаат таа надлежност да легитимираат гости дали имаат таков сертификат – изјави Анета Симеска Димоска, директорка на ДПИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот