Арсовска ќе биде носител во првата изборна единица

Данела Арсовска на седница на совет на град Скопје / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Партијата Нова алтернатива ќе оди со свои листи во сите шест изборни единици, а кој ќе биде кандидат за претседател ќе кажат органите на самата партија откако ќе се проценат позитивните и негативните страни, соопшти градоначалничка на Град Скопје и претседателката на партијата, Данела Арсовска и најави дека на претстојните парламентарни избори ќе се кандидира во првата изборна единица.

Сакаме да им кажеме и покажеме на граѓаните дека работите можат да функционираат и дека треба да се променат. Потребни се одговорни политичари, а не лажговци и манипуланти. Ние ќе излеземе на изборите и ќе освоиме онолку гласови колку што сметаат граѓаните и ќе ни биде чест. Јас ќе бидам носител на листата од Нова алтернатива во Изборна единица еден и тој предизборен дуел граѓаните треба да го очекуваат, изјави Арсовска во СТУДИО 10 на ТВ 24.

Како што најави таа, носителите на изборните едници ќе бидат објавени наскоро, бидејќи засега во партијата се разговара за најгорливите прашања што ги засегаат граѓаните.

Од тоа што разговараме со граѓаните гледаме дека се разочарани од ова што се случува во последните триесет години. Ние не правиме анкети, ги слушаме граѓаните надвор. Тоа е најискрено и најчесно и се добива вистинско сознание за состојбата. Тоа го знаеме и од тоа што отворивме телефонски број за граѓаните за поплаки. Има над десет илјади. Не е лесно да се слушаат критики, ама ако не се слушаат нема да се најдат решенија, вели Арсовска.

Во Изборната единица 1 носители на листи меѓу другите се Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски и Димитар Апасиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот