Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч – не знаела дека треба да поднесе изјава со колку имот си заминува
Поранешната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска ја обвини Државната комисија за спречување на корупцијата за јавен линч за деградација откако се најде на прво место на листата на градоначалници кои не поднеле изјава со каков имот си заминуваат од функцијата.
Препорачано
-Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска.
Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок – соопшти Арсовска.
Таа бара одговори од ДКСК преку писмо на кое е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа, зошто токму таа била прва на списокот.
-За крај би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име? Дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози – пишува Арсовска.
Од чистење и многу работни обврски, скопскиот градоначалник не стигнал да достави анкетен лист
Вчера ДКСК објави дека 19 градоначалници не го пријавиле имотот во Антикорупциската комисија, односно не кажале со колкав имот доаѓаат на функцијата, а 35 не пријавиле со колкав имот си заминуваат. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски не поднел изјава за престанок на функцијата како градоначалник на Кисела Вода, ниту пак изјава за имотната состојба кога беше избран за градоначалник на Град Скопје и нему ќе му бидат издадени два прекршочни налози. На вториот список за градоначалници кои не поднеле изјава до ДКСК со колкав имот си заминуваат, прва е градоначалничката Данела Арсовска.


