Од чистење и многу работни обврски, скопскиот градоначалник не стигнал да достави анкетен лист
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски кој само што го почна мандатот организираше спектакуларна акција за чистење на главниот град, од работни обврски не стигнал да достави анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупцијата, иако веќе помина законскиот рок од 30 дена до кога избраните и именуваните функционери имаат обврска да достава изјава за имотна состојба и интереси и промена на имотната состојба во електронска форма.
Препорачано
-Поради интензивните работни обврски поврзани со преземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје и итното ставање во ред на состојбите затекнати во градот, кои беа во алармантно лоша состојба, во изминатиот период не беше поднесен анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. Градоначалникот ќе ја испочитува законската обврска и во наредните денови ќе го поднесе анкетниот лист до ДКСК – велат од Кабинетот на градоначалникот.
Оттаму појаснуваат дека Ѓорѓиевски немал суштински промени во својот анкетен лист во споредба со податоците што ги пријавил како градоначалник на Кисела Вода. Но, на веб страницата на ДКСК го нема неговиот анкетен лист ниту кога бил градоначалник од Кисела Вода бидејќи е променето софтверското решение и сега градоначалниците обрасците ги пополнуваат електронски.
Но, освен Ѓорѓиевски има и голем број на други градоначалници кои беа избрани на 2 декември, а уште немаат доставено анкетни листови до ДКСК.


