Армијата ќе ја тестира својата борбена готовност на воената вежба „Блесок 2026“
Околу 1500 припадници на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со НАТО-монитори и тим на набљудувачи од Мултинационалните копнени сили, ќе учествуваат и ќе бидат дел од големата воена вежба „Блесок 26“, која треба да се одржи од 19 до 27 април на повеќе локации низ државата. Вежбата ќе претставува продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ кој е клучен чекор во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО-декларирана единица.
Препорачано
Вежбата денеска ја најавија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и директорот на националната вежба „Блесок 26“, полковник Игор Арсовски, на брифинг со новинарите.
Како што соопштија од Генералштабот на Армијата, станува збор за тактичка теренска вежба со боеви гаѓања, во која единиците ќе дејствуваат во симулирано реално борбено опкружување, со употреба на спротивставени сили. Главната цел е да се провери и демонстрира нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ, согласно стандардите на НАТО.
Оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран според НАТО-процедури, додека процесот ќе биде следен и од монитори на Алијансата, со што ќе се обезбеди валидност и транспарентност на целокупната евалуација.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лифчински информираше дека оваа вежба е една од поголемите во државата во која ќе учестуваат околу 1500 војници и голем број на воена техника.
-Вежбата меѓу другото има за цел да ги подобри интерперабилноста со сојузничките партнерски сили, како и заедничко дејствување во сложени услови и брза реакција во новиот концепт на НАТО за одбрана и одвраќање – истакна генерал-мајор Сашко Лафчински.

Според генерал-мајор Сашко Лафчински, воената вежба ќе има за задача да го тестира системот за логистичка поддршка на единиците од ваков тип при НАТО.
Покрај борбената готовност, во рамки на „Блесок 26“ ќе се тестираат и клучни сегменти како системот за командување и контрола, координацијата меѓу единиците, како и логистичката одржливост при изведување операции. Посебен акцент ќе биде ставен и на способноста за прием, распоредување и движење на НАТО-сили низ територијата на државата, појаснија од Одбрана.

Од Генералштабот на Армијата нагласуваат дека вежбата ќе има значајна улога во унапредувањето на оперативните капацитети на Армијата и во зајакнувањето на интероперабилноста со сојузничките сили.
Од средствата и опремата што ќе се користат за време на вежбата „Блесок 26“, од ГШ посочија дека единиците ќе ја користат формациската опрема и вооружување, а како позначајни средства ќе бидат, оклопните возила ЏЛТВ, транспортниот хеликоптер Ми8/17, хаубиците Боран, минофрлчи од 120 мм, беспилотни летала како и оклопни возила за пронаоѓање на неексплодирани убојни средства „Хаски 1“ и „Хаски 2“. Од Одбрана информираа дека новите оклопни американски возила „Страјкер“ нема да бидат дел од вежбата, бидејќи тие сè уште не се воено оперативни, односно не се целосно ставени во функција на Армијата.
„Блесок 26“ се очекува да придонесе за подигнување на ефикасноста, подготвеноста и професионалноста на македонските воени единици, со што ќе се потврди нивната подготвеност за учество во меѓународни мисии и операции.
Од Министерството за одбрана велат дека основната цел на вежбата „Блесок 26“ е оценување на борбената подготвеност на Лесниот пешадиски баталјон (лпб), согласно стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО – CREVAL (Combat Readiness Evaluation).


