Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи / Фото: EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Арагчи: Иран е подготвен доколку САД започнат воена акција

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес изјави дека Исламската Република Иран е „подготвена“ доколку САД одлучат да започнат воена акција против земјата.

„Подготвени сме за каква било акција. Доколку сакаат да започнат воена акција, која веќе ја пробаа еднаш и не постигнаа резултати, ние сме подготвени за тоа“, рече Арагчи во интервју за Ал Џезира, објавија медиумите

Тој додаде дека Иран сега е поподготвен да се соочи со напади на сопствена територија отколку за време на 12-дневната војна со Израел во јуни 2025 година.

Изјавата на иранскиот министер дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разгледува неколку потенцијални воени опции против Иран, по употребата на смртоносна сила од страна на иранските безбедносни сили против цивилите за време на неодамнешните протести.

Арагчи рече дека протестите од 8 јануари треба да се сметаат за „продолжение на 12-дневната војна со Израел“, истакнувајќи дека демонстрантите беа широко обвинети за соработка со Израел, што, според него, довело до репресивни мерки.

Тој, исто така, рече дека Иран е подготвен за дипломатски разговори и се надева дека Вашингтон ќе избере „мудра опција“.

Порано оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран го поканил на разговори закажани за сабота.

Протестите во Иран започнаа на 28 декември минатата година во Техеран поради остриот пад на вредноста на националната валута и економските тешкотии, а набрзо се проширија во повеќе од 100 градови и места низ целата земја. Иранските власти ги обвинија САД и Израел дека стојат зад немирите.

Според активистите со седиште во САД, околу 540 лица загинаа во насилството за време на протестите, објавија претходно американските медиуми.

Иранските власти прогласија ден на жалост на 11 јануари за убиените во, како што нарекоа, „отпор кон САД и Израел“, објави претходно РИА Новости.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот