Апликација помага при болеста која убива три милиони луѓе годишно: Ги спречува пациентите да пијат алкохол

Фото: Пекселс/ christian-fridell

Апликација за мобилен телефон АлкоЧејнџ (AlcoChange), која им помага на пациентите со заболување на црниот дроб да не пијат алкохол може да спаси многу животи. Ова го тврдат истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон УЦЛ (UCL) и Слободната кралска болница, кои го развија софтверот, пишува „УЦЛ Њуз“ (UCL News).

Студијата објавена во списанието „ЈХЕП Репорт“ (JHEP Report) покажа дека 57 отсто од луѓето кои ја користеле апликацијата АлкоЧејнџ (AlcoChange) престанале да пијат најмалку три месеци, додека само 22 отсто од оние кои не ја користеле апликацијата редовно, го правеле тоа.

АлкоЧејнџ користи неколку стратегии за промена на однесувањето, вклучително и телефонски алкотестови и персонализирани пораки. Меѓу пораките е и таква која кажува колку пари заштедиле со тоа што не купиле алкохол, но има и слики од најблиските и совети за надминување на кризите и силните желби за алкохол. Алкотестот им овозможува да им покажат на членовите на семејството дека се трезни, а со тоа ја подобрува довербата меѓу нив.

Клиничките испитувања довеле до помалку приеми во болница во групи кои ја користат апликацијата, дури и една година откако престанале да ја користат.

– Оваа пилот студија е ветувачка и ако резултатите покажат вакви резултати во поголемите клинички испитувања, ќе ни овозможи да користиме дигитални алатки за поддршка на луѓето кои се обидуваат да го остават алкохолот во своите домови. Има потенцијал да биде многу корисна, бидејќи малку пациенти имаат третман за зависност од алкохол. Заболувањата на црниот дроб предизвикани од прекумерното консумирање алкохолни пијалоци се растечки здравствен проблем во светот и многу ги чинат здравствените системи – изјави д-р Гаутам Мехта, водечки автор на студијата од УЦЛ (UCL).

– Групата што ја користеше апликацијата имаше помалку приеми во болница, што ја намали и смртноста. И се верува дека овие болести убиваат околу три милиони луѓе годишно – додаде тој.

Професорот Раџив Јалан, коавтор на студијата и соработник на УЦЛ (UCL), рече дека е возбудливо да се видат резултатите од студијата.

– Употребата на дигиталната технологија има потенцијал да го револуционизира третманот на пациентите со заболување на црниот дроб бидејќи може да им обезбеди и нега дома – објасни тој.

Сузан (50), од северен Лондон, изјавила за „УЦЛ Њуз“ (UCL News) дека таа е една од првичните учесници во студијата. Како што објаснува, семејното насилство довело до депресија и анксиозност, кои се обидела да ги победи со пиење.

– Завршив во болница бидејќи пиев по три шишиња вино дневно. Искрено, со задоволство се согласив да учествувам во студијата. Она што навистина ми помогна е тоа што апликацијата ми испраќаше слики од ќерка ми кога пиев многу, а тоа ме натера да се држам и да не пијам. Многу е лесно да се користи апликацијата. Ми се допаѓа и алкотестот што се користи – изјавила таа.

Како што додала, откако ја тестирала и престанала да ја користи апликацијата, повторно почнала да пие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот