Ослободените јавни површини во Тетово зјаат неуредени

Фото: Слободен печат

Општинскиот инспекторат Тетово откако од јавните површини острани нелегалните бараки и трафики поставени низ градот, веќе неколку месеци акцијата ја стави во мирување. Од локалната самоуправа кусо за „Слободен печат“ ни одговорија дека ќе продолжат со ваквите акции после изборите и истите ќе траат се до ослободување на сите јавни површини.

Тетовци велат дека ваквите акции треба да продолжат, а локациите каде се остранети бараките и трафиките да се уредат.

„Ваквите акции се за поздравување, но тие места каде што се остранети бараките треба да заличат на нешто, односно да се уредат. На пример долж булеварот „Маршал Тито“ каде ги остранија бараките локацијата така ја оставија. Треба да ја пренаменат за нешто таа јавна површина да биде корисна за јавноста. Кажуваат дека тука патот ќе се продолжува, но нема таква активност. Може да се постават клупи за деца, нека постават некои реквизити, нешто да има“, вели еден жител на Тетово.

„Општината гледам дека се занимава со ситни работи, но и тие не ги довршуваат до крај. Ако сака да го среди хаосот во урбанизмот, нека започне да ги урива дивоградбите низ градот и низ селата, не само да се фали дека урива бараки, трафики и гаражи“, додава друг жител на Тетово.

Општина Тетово уште минатата година ги острани бараките и трафиките долж булеварот „Маршал Тито“ тетовскиот суд, како и кај градскиот плоштад, но поголеми акции за справување со проблемот со дивоградбите се уште нема.

Една од поголемите акции за уривање на дивоградби се реализираше пред повеќе од една година, кога Општина Тетово урна две објекти во изградба на скијачкиот центар Попова Шапка.

Во Тетово подолг период тапка во место и процесот на легализација, а дивоградби никнуваат како печурки.

Информациите говорат дека во општинските фиоки има заглавено над 200 решенијата за уривање на дивоградби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот