Фото „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ
Фото „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ

Апелација ја преиначи затворската казна за убиството на кучето Феликс во парична

Иако основниот Кривичен суд преку судијката Лидија Петровска пред 10 месеци го осуди Љубе Крстевски на затворска казна од три месеци за убиството на кучето Феликс, кое угина на 7 јануари лани од последици на нанесените повреди, Апелација му ја преиначила казната во парична. Пресудата од Апелација во која имаше увид „Слободен печат“ е од 17 февруари годинава.

Во неа пишува дека за кривичното дело убивање и мачење животни на Љубе Крстевски му се прифаќа жалбата и казната се преиначува во парична – да плати 90 дневни глоби од по 20 евра или вкупно 1.800 евра (110.700 денари).

Првично Крстевски доби три месеци затвор, а Билбиловски парична казна од 100 дневни глоби и првпат во Македонија беше досудена затворска казна за ваков вид кривично дело.

Но, Крстевски се жалел до Апелација, а неговиот адвокат побарал „судот во доволна мера да ги цени сите пет видеозаписи што се доставени на предлог на одбраната од кои може да се види дека кучето е агресивно и напаѓа во кругот на објектот“.

Адвокатот на Крстевски побарал Апелација да ги цени „и фотографиите по однос на тоа какви физиолошки потреби прави кучето во кругот на фирмата и да ги цени изјавите на обвинетите и на сведокот, како и медицинските белешки од страна на обвинетите, бидејќи тој после првото рочиште бил нападнат од активист на Лајка“. Барал да му се изрече условна казна или барем парична казна. Вишото јавно обвинителство се противело и барало потврда на првостепените казни.

Апелација не ги прифатила ваквите жалбени наводи. Кучето Феликс било со тежина од околу 15 килограми, пристапувало кон луѓето што се движеле ама не ги напаѓало, а како и секое живо суштество извршувало физиолошки потреби, но тоа не е оправдание обвинетиот да му нанесе толку удари поради неговото инстинктивно и биолошки неопходно однесување. Дополнително – кучето никој не го пријавил кај надлежните служби што би морало да се случи ако било толку опасно, смета Апелација.

Извадок од пресудата за Љубе Крстевски од Апелациониот суд Скопје

Крстевски тврдел дека во недостиг на обдукција неможно е да се докаже дека тој бил виновен за смртта на Феликс, но Апелација не го прифати ова зашто обдукција не е потребна за да се докаже битието на кривичното дело. Феликс бил во животно загрозувачка, полусвесна состојба, со повреди на главата, контузии со оток, исеченици на кожата од остар предмет, тешко дишење и крвавење, хематом на левото око, потрес на мозокот, оток на мозокот, хематоми на грбот и градниот кош, за што Лајка до МВР имала доставено извештај дека кучето починало поради тешките повреди.

 

Бранко Билбиловски, пак, во жалбата навел дека само го влечел Феликс, за кого мислел дека е угинат и не му нанел удари. Но, Апелација вели дека ова е спротивно на утврдената фактичка состојба, зашто од видеозапис се гледа дека кога Љубе пристапува кон Феликс, повторно замавнува со стапот кон кучето, му упатил пет удари праволиниски, дополнително продолжил со странични удари кон кучето, а за тоа време обвинетиот Бранко пристапува до Љубе, кој почнал да го врзува со жица Феликс, при што едниот крај од жицата ја држи Бранко, што упатува на заклучок дека Бранко е свесен дека кучето не е починато, дотолку повеќе што двајцата заедно го влечеле до контејнерот, каде што го фрлиле.

Наоѓајќи го Љубе Крстевски за виновен, Апелација сепак смета дека санкцијата треба да биде парична казна, а не затвор. Како олеснителни околности, Судот ги зел предвид тоа што Крстевски е со оформено семејство, здравствената состојба, личната и семејната материјална состојба – фактори што упатувале на потребата од изрекување парична казна.

„Со неа оправдано може да се очекува дека доволно воспитно ќе се влијае врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, како и позитивно ќе се влијае на планот на генералната превенција, со што ќе се постигнат целите на казнување предвидени во член 32 од Кривичниот законик“, наведува Апелациониот суд.

 

Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, „користејќи тврд предмет налик на стап, го удрил во повеќе наврати кучето Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми“. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.

Убиството на кучето Феликс предизвика протести под мотото „Феликс не беше само куче, туку беше живот“. Македонските здруженија за заштита на животните на протестот во Скопје побараа судовите да изрекуваат минимум една година затвор за убиство и мачење на животни и апелираа до судството да се промени досегашната пракса на неказнивост.

Во Скопје се одржа протест за кучето Феликс, граѓаните бараат правда и затвор за убијците на животни

Беше побарано и формирање на локални општински служби за заштита на животните, закон за Комунална полиција со единица за полиција за животни, спроведување превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација за хуман однос кон животните.

Зелен хуман град: Првпат во Македонија изречена затворска казна за убиство на куче – монструозниот убиец на Феликс осуден на три месеци затвор

Над 11 илјади граѓани потпишаа и онлајн петиција во која бараа казна, наведувајќи дека Феликс не е единственото куче.

Тука е и кучето од Тетово што беше фрлено од седми спрат, кучето во Дебар Маало во Скопје кое беше заклано со секира сред бел ден, кучето што беше влечено со кола во Виница, а и она во Струмица, кучето што беше исфрлено болно покрај контејнер на минусни температури, кучето што беше врзано во напуштен објект да угине. Илјадниците кучиња кои се отруени секојдневно, како и оние коишто се напуштени на улиците и полињата, пишуваше во петицијата.

За убиството на кучето Феликс, Љубе Крстевски доби 3 месеци затвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот