Димитар Апасиев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Апасиев ги достави до пратениците заклучоците од Анкетната: Со посебен закон да се обесштетат семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани

Предлог-заклучоци од комисиската седница по повод поднесената претставка од родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани се доставени до пратеничките групи и како што информира Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија за слободата и правата на граѓанинот, очекува тие едногласно да бидат усвоени на првото продолжение на седницата на Комисијата.

Независна, транспарентна и темелна судска кривична постапка која ќе ги утврди сите одговорни лица и институции, а одговорноста да мора да ја понесат и носителите на јавни функции, без исклучоци, се препорачува во заклучоците, но и апел до пратениците од власта и од опозицијата да постигнат консензус и да донесат посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, а заклучоците да се достават до Владата и Јавното обвинителство.

Со доставените Предлог – заклучоци најостро се осудува институционалната нефункционалност која доведе до трагедијата од 16 март во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани и се изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и повредените. Исто така се укажува на сериозни институционални слабости, системско непочитување на законите и можно прикривање на одговорноста што наметнува потреба од итна и решителна реакција од сите државни институции.

Се потсетува дека правото на живот претставува највисиока вредност во уставниот поредок на државата и токму затоа се повикува Јавното обвинителство да постапува непристрасно, навремено и неселективно со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.

Во Предлог-одлуките се изразува загриженост за наводите за корупција во постапките за издавање дозволи и во инспекцискиот надзор и се препорачува Собранието да усвои итни законски измени кои ќе го подобрат регулаторниот и инспекцискиот надзор врз угостителските и останатите објекти наменети за одржување на јавни настани. Паралелно се бара и заострување на кривичната одговорност за службените лица кои не постапуваат согласно законските овластувања.

Се поддржува одржување на надзорна расправа во Собранието за утврдување на институционалната одговорност и предлагање мерки за превенција. Истовремено, се нагласува потребата од ефикасен и независен правосуден систем и целосно искоренување на корупцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот